Да не беа аероклупските воздухопловни ентузијасти и професионални кадри, ќе беше потребен многу подолг период за заживување и етаблирање на македонското цивилно и воено воздухопловство. А токму овие клупски кадри, на место да бидат чествувани и одликувани, влегоа во „ќор-сокак“ на историскиот заборав, вели доајенот на македонското воздухопловство, Ѓорѓи Чачкиров, за весникот ВЕЧЕР. Тој сподели сеќавања за тој многу сложен и морничав период кога тој со мал тим на соработници донел одлука, сите летачки средства спортските аеродроми и објекти на тогашната ЈНА да бидат расклопени, разнесени и скриени. По осамостојувањето на Република Македонија, леталата повторно се склопени и Чачкиров на 10 јуни 1992 година ги направи првите летови со што се ставени темелите на македонското воздухопловство, кое сега се нарекува Воздухопловен аВИНГ

Воздухопловниот ВИНГ на Армијата на Република Македонија го прославува 10 јуни како датум кога во 1992 година се случил првиот лет на воен екипаж од штотуку формираното македонско воено воздухопловство. Така ќе биде и утре во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, при што пригодни обраќања ќе имаат началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и командантот на Воздухопловниот аВИНГ, Драган Павловски.
Одејќи по трагите кои водат до почетоците на чествувањето на Денот на македонското воздухопловство или, утре по повод Денот на воздухопловниот ВИНГ на АРМ, разговараме со Ѓорги Чачкиров, еден од доајените на македонското воздухопловство кој сподели сеќавања за тој многу сложен и морничав период.
*Поминати се над три децении од тие случувања при распадот на поранешната заедничка држава и кои доведоа до тоа денеска да имаме сопствено воено воздухопловство. Многупати имате кажувано дека Вие сте сведок на тие бурни времиња.
– На почетокот би сакал да им го честитам Денот на сите македонски воздухопловци, цивилни и воени! Ова го нагласувам бидејќи да не беа аероклупските воздухопловни ентузијасти и професионални кадри, ќе беше потребен многу подолг период за заживување и етаблирање на македонското цивилно и воено воздухопловство. А токму овие клупски кадри, на место да бидат чествувани и одликувани, влегоа во „ќор-сокак“ на историскиот заборав. Притоа, новите актери, водени според новите историски бележења „од нас почнува“, започнаа да се воздигнуваат себеси и да се запишуваат во воздухопловната историја со новокомпонирани вистини! Притоа, тие самите, забораваат дека утре некои други актери ќе им го направат тоа ним. А историјата, речиси секогаш, е како „шило“ и излегува на виделина! Пишувањата може да се избришат, но личната и колективна меморија никогаш не се брише!
*Дали сè уште Ви се свежи сеќавањата на тие историски настани?
– Моите сеќавања на тој прв, и би рекол морничав, период сè уште се свежи, исто онолку колку што се свежи и кај останатите непосредни актери во тие случувања, односно аероклупски членови. Притоа, тие мои сеќавања се освежуваат и со оригиналните документи и фотографии, кои ме навраќаат на тие мигови.
Имено, во периодот на распадот на поранешната СФРЈ, јас бев генерален секретар и директор на Воздухопловните школи на тогашниот Воздухопловен сојуз на Македонија (ВСМ), во чиј состав влегуваа 12 аероклубови. Од нив, пет аероклубови имаа и Воздухопловни школи кои располагаа со аеродроми, хангари, авиони, едрилици и падобрани и беа здружени во т.н. Републички воздухопловен центар при ВСМ. Во нив беа вработени професионални кадри, наставници и авиомеханичари, како и огромен број членови – аматери, пилоти и падобранци. Таков Воздухопловен сојуз, во тоа време беше етаблиран како организација од посебен општествен интерес. Пред 1991 година во рамките на овдешните, македонски, Воздухопловни школи се обучуваа просечно, по 20-25 пилоти на едрилици, 10 пилоти на авиони, и 30 до 40 падобранци. Сите тие кадри, подоцна, со тек на времето, се доостручуваа до ниво на професионални кадри за потребите на цивилното и военото воздухопловство, на тогашната Држава СФРЈ, а особено на СР Македонија.

Во такви услови и во таа улога, при почетокот на распадот на СФР Југославија, ја наслутив намерата кај тогашната Команда на военото воздухопловство при ЈНА за одземање на споменатите летачко-технички средства. Таквата намера, ЈНА ја темелеше врз основа на нивните вложувања во споменатите летачки средствата, изоставајќи дека и ние, како СР Македонија, учествувавме во финансирањето на таа заедничка ЈНА, а преку неа и во финансирањето на споменатите средства. Врз основа на таквата премиса, сублимирајќи повеќе мислења, со мал тим на соработници донесов лична одлука, сите средства да бидат расклопени, разнесени и скриени надвор од спортските аеродроми и објекти. Таквата одлука, со крајна доверба, ја споделивме со управителите на Школите или со друго доверливо лице од клубовите во: Скопје, Куманово, Штип, Прилеп и Битола (Ванде, Часлав, Борис, Пеце и Илко). Од нив побарав да организираат свои доверливи тимови, односно членови коишто ќе ги расклопат и разнесат предметните средства. Во подготовката на таквата акција побарав помош и од МВР, конкретно од Бранко Бојчевски и Сократ Илиевски. Тие организираа транспорт на сите средства, но и безбедносна поддршка при планираните активистите. Во тие активности не беа вклучени воени лица. Сите летачки средства беа расклопени во една ноќ, на температура од -24оЦ. Тоа беше високо професионална и пожртвувана акција, спроведена од аероклупски активисти – патриоти.
По завршувањето на ваквата акција ја добив и очекуваната Наредба од тогашна Команда на РВ и ПВО, за враќање на наведените средствата. Но, тие беа, веќе расклопени и разнесени низ македонските простори,… и немаше враќање! Се создадоа и тензични ситуации и закани…
*Како се одвиваа понатамошните настани и дали тие беа првите летачко-технички средства за продолжување на воздухопловните активности и обуките на нови кадри, како и првите авиони на нашето, македонско, Воено воздухопловство?
– На кусо. По смирувањето на тензиите и прогласувањето на самостојност и сувереност на Република Македонија, во мај 1992 година, имав средба со претставници на дотогашниот Сојузен секретаријат за сообраќај и врски. На неа, во духот на пријателство, добрососедство и смирувачка разделба, побарав да ни биде дадена документацијата за авионите, едрилиците и падобраните, заради продолжување на нивната пловидбеност. Тоа беше и реализирано, врз основа на што поминавме на враќање и склопување на летачките средства. Првите авиони од типот „Утва 75“, во договор со, веќе поставениот командант на македонското Воено воздухопловство, полковник Миле Манолев, беа склопени на аеродромот во Петровец. Таму, на 10 јуни 1992 година, јас ги направив првите летови, со назнака: пробни летови за продолжување на пловидбеност. Тоа беа први четири летови, со четири авиони за обука со различни регистрации, над суверена Република Македонија. На некои од нив, неофицијално, беше обоено тогашното знаме на опашката. Во петтиот лет, со мене, го земав и полковник Манолев, во знак на соработка и продолжување на активностите и на нашето ново Воено воздухопловство. Истиот ден, попладнето одржав теоретска подготовка со наставници – воените пилоти, во насока на преобука за овој тип на авион.

Додека Комисијата ги регистрираше преостанатите авиони во Куманово, Штип, Прилеп и Битола и аероклубовите ги започнуваа летачките активности, на 11 јуни и следните денови, јас во улога на наставник (тогаш и резервен пилот капетан од прва класа) им дадов практична преобука на наставниците – воени пилоти, чијшто распоред на летање го направија тие самите. Не се сеќавам на нивните имиња, но тие сигурно паметат и знаат! На преобуката присуствуваа и полковник. Миле Манолев и командантот на аеродромот Петровец, потполковник Митко Павлов. Така започна да заживува и да се одржува и нашето, македонско, Воено воздухопловство, денешен Воздухопловен ВИНГ. Во таа своевидна еуфорија, тогаш меѓусебно и усно се договоривме 10 јуни да биде прогласен за Ден на македонското воздухопловство! Како таков, без големи помпи, со заедничко воено – цивилно дружење, прогласениот Ден се славеше 2 години во Домот на Армијата. Подоцна, во таа чест, беа одржани и два аеромитинга во Скопје, на аеродромот Стенковец, во 1996 и 1998 година.
И како што реков на самиот почеток, се заборави овој дел од настаните и пожртвуваноста на аероклупските активисти, а одликувања добија и прославуваа оние коишто немаа учество во најтензичните мигови и сочувувањето на летачките средства.
*Дали Вие или некои од тие активисти добивте некое државно признание?
– Не, ниту јас, ниту некој од останатите посочени активисти нема добиено никакво државно признание или одликување. До душа, јас лично имам добиено признание и подарок од МВР во знак на извонредно организирање на претходно раскажаната акција.
Овие сеќавања, веќе се дел од заборавената историјата за овие историски денови. На прославата на овој Ден, од страна на АРМ, никогаш никој не ги поканил актерите кои ги создадоа предусловите за чествување.
Во таа насока, јас лично, им го честитам Денот на македонското воздухопловство на сите оние коишто беа пожртвувани активисти и коишто создадоа услови за непрекинат развој на нашето цивилно и воено воздухопловство. А како посветен и лојален граѓанин, пилот и резервен офицер во пензија, упатувам честитки и до Воздухопловниот ВИНГ на нашата Армија. Честитки, со желба за раст и развој со постојана посветеност, професионален и технолошки развој, приспособен и кон стандардите на НАТО!
Светлана БЛАЖЕВСКА