Прва рунда преговори во Берлин: Мерц сака траен мир, Макрон вети понатамошна поддршка – Кремљ не го интересира ставот на ЕУ

103
EPA

Првата рунда разговори меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер заврши во недела навечер во канцеларијата на федералниот канцелар Фридрих Мерц во Берлин.

Советникот на украинскиот претседател Зеленски, Дмитро Литвин, објави дека петчасовните разговори во недела ќе продолжат во понеделник.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц рече дека сака „траен мир во Украина“ и дека сите „се соочуваат со тешки прашања, но се решени да продолжат напред“. Мерц претходно посочи дека пристапите за завршување на војната во Украина „конечно“ ќе бидат дискутирани во Берлин во текот на викендот.

Макрон, францускиот претседател, истакна дека Франција ќе продолжи да ја подржува Украина за да се постигне траен мир. Ова било и главната тема на телефонскиот разговор помеѓу Макрон и Зеленски.

„Франција застана и ќе продолжи да стои покрај Украина со цел да се изгради цврст и траен мир способен да ја гарантира безбедноста и суверенитетот на Украина и Европа на долг рок. Им се заблагодарувам на сите преговарачи – украински, европски и американски – кои работат кон оваа цел“, напиша Макрон на платформата „X“.

Францускиот претседател рече дека штотуку разговарал со претседателот Зеленски.

„Американците, Европејците и Украинците бараат мир. Додека Русија ја продолжува својата агресивна војна, Украина останува силна“, додаде тој.

Москва, преку својот портпарол Дмитриј Песков, порача дека кога станува збор за украинските мировни преговори, владата на Кремљ е повеќе фокусирана на ставот на САД отколку на ставот на ЕУ.

„Европејците ја играат својата игра и се чини дека сè уште сакаат војната да продолжи“, рече Песков во телевизиско интервју со новинарот Павел Зарубин.

ИЗДВОЕНИ