Просторот на поранешната касарна ќе стане спортско рекреативна зона

63

Во јуни ќе биде објавен конкурс за избор на идејно архитектонско решение за  спортско рекреативна зона на просторот на поранешната касарна, информираше градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски. Тој потенцираше дека, проектот за објавување на Конкурс за идејно архитектонско решение за рекреативна зона со намена Д3 во АРМ – Четврт 2  е дел од Програмата за економски развој и за него веќе се обезбедени средства, а по завршувањето на подготовката на потребната документација од страна на општинската администрација, ќе биде објавена постапка за јавна набавка.

Советничката Анастасија Трајковска пред градоначалникот детално го образложи проектот кој беше усвоен од страна на Советот на Општина Битол, нагласувајќи дека просторот треба да содржи спортски игралишта за фудбал, кошарка, тенис, одбојка, фудбалско игралиште по стандарди на УЕФА за тренинг камп, соблекувални, мини детски паркови, пропратни содржини, како кафетерии и мини ресторани, што ќе значи вистинско спортско рекреативно збогатување на овој дел од АРМ.

-Со својата експертиза, советничката Трајковска, како дипломиран инжинер архитект, даде важни насоки, кои ја истакнуваат значајноста и функционалната важност на овој проект – соопштија од Општина Битола.

Градоначалникот Коњановски и советникот Бојан Бојкоски, нагласија дека станува збор за многу добра идеја, која прво треба да донесе избор на најдоброто архитектонско решение кое потоа ќе резултира на терен со успешен проект во интерес на битолчани.

ИЗДВОЕНИ