„Годинешниот МТФ ‘Војдан Чернодрински’ ќе се случува од 6 до 13 јуни. Ќе бидат прикажани девет претстави од официјалната програма и пет во независната. Претставите во официјалната програма ќе се одржуваат на сцените на Големата сала од Центарот и во кинослатата „Мис Стон“, кои се отворени по два месеци. Центарот за култура вложи огромен труд да ги санира клучните забелешки на Дирекцијата за заштита и спасување. Обезбедени се сите услови за работа на институцијата и за присуство на публиката. Првиот настан, премиера на претставата „Чиста куќа“, е вечерва (31 мај) во 20 часот

 

Директорката на ЦК „Марко Цепенков“- Прилеп, Марија Попова- Јованоска потврди за весникот ВЕЧЕР дека салите во овој културен центар се подготвени за одржување на годинешниот Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, чие 59. издание ќе се случува од 6 до 13 јуни. Салите во ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, кои пред два месеца беа затворени за работа поради бројните забелешки од страна на Дирекцијата за заштита и спасување, се отвораат и официјално утревечер (31 мај) со премиерата на претставата „Чиста куќа“ на сцената од Центарот.

Претставите од официјалната програма на фестивалот и од независната програма ќе се прикажуваат на сцените во Центарот за култура.

„По затворањето на Големата сала, киносалата и објектот каде што е сместен театарот, од страна на Дирекцијата за заштита и спасување, вложивме огромен труд да ги санираме клучните забелешки и да обезбедиме безбедни услови за работа и за публиката. Салите во Центарот за култура се повторно отворени и театарската дејност, како и сите други активности продолжуваат“, вели директорката на Прилепскиот културен центар, Марија Попова-Јованоска.

Таа посочи и дека иако театарот останува затворен, тоа е предизвик конечно да се реши прашањето за иднината на Народниот театар во Прилеп.

„Овој град заслужува нов современ театар достоен за културното наследство и талентот што го поседува. Со оваа премиера сакаме да пратиме една јасна порака дека културата продолжува, театарот живее, а нашата сцена останува жива, активна и отворена за публиката“, додава директорката Попова-Јованоска.

Инаку, во официјалната програма на фестивалот „Војдан Чернодрински“ се претставите: „12“ (Македонски народен театар), „Парови“ (Драмски театар – Скопје), „Ричард Трети“ (Албански театар – Скопје), „Слепци“ (Турски театар – Скопје), „Црно семе“ (Народен театар – Битола), „Бура“ (Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп), „Рацин“ (Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес), „Сите прекрасни нешта“  Народен театар – Штип и „Пар-распар“ (Театар Комедија – Скопје).

Од независната продукција се претставите „Вампири“ продукција на „Театар за сите“ – Скопје, „Снег“ продукција на „Штрих“ – Скопје, „Сите најубави нешта“ на „ОХО продукција“, „Казабалкан“ на Здружение за развој на театарска продукција „Оска“ од Скопје и „Ла Магбет“ продукција на „Хибрид“ од Скопје.

 

 

Легенда: Директорката Попова-Јованоска со актерите и режисерката на претставата „Чиста куќа“

ИЗДВОЕНИ