Агенцијата за пошти планира следната година да собере 41 милион денари (665 илјади евра), од кои за плати на вработените и за исплата на надоместоци се предвидени 26 милиони денари (околу 422 илјади евра). Во ова тело моментално работат 16-мина вработени, чии месечни примања со придонеси оваа година изнесуваат, во просек, околу 2 илјади евра

 

За исплата на платите на вработените во Агенцијата за пошти за наредната година се планирани повеќе пари. Во финансискиот извештај доставен до пратениците во Собранието се посочува дека во 2026 година, ова независно регулаторно тело во областа на поштенските услуги планира да собере 41 милион денари (665 илјади евра), од кои за плати на вработените и за исплата на надоместоци се предвидени 26 милиони денари (околу 422 илјади евра). Останатите 15 милиони денари (243 илјади евра) се за материјални расходи.

Според податоците објавени на веб-страницата на Агенцијата, во ова регулаторно тело моментално работат 16 лица, а за исплата на плати и придонеси за директорот и за вработените во стручната служба на Агенцијата за пошти за 2025 година е планиран износ од 24,5 милиони денари (околу 400 илјади евра). Ова значи дека вкупните месечни примања на вработените во Агенцијата се движат просечно околу 2 илјади евра. Но, според статусот во Агенцијата, платите се уште повисоки кај раководните лица, а се пониски од просекот кај оние подолу.

Во извештајот се објаснува дека зголемениот износ за исплата на платите за 2026, во однос на оваа година, е поради зголемувањето на износот на минат труд вклучен во платите на вработените, што е 0,5 проценти за секоја година работен стаж, како и поради фактот што во текот на следната година, согласно со Годишниот план за вработување, планирани се нови вработувања и унапредување во рамките на Агенцијата.

Поради активностите предвидени во стратешките документи и исполнувањето на барањата на поштенскиот пазар, кој се развива секојдневно, Агенцијата за пошти има потреба од ангажирање дополнителен стручен кадар, кој ќе помогне во извршувањето на законските надлежности на Агенцијата и во одржувањето на работната ефикасност.

– Во следната 2026 година, Агенцијата ќе спроведе функционална анализа, која ќе биде основа за реорганизација, односно изготвување нова систематизација на работните места во стручната служба. Функционалната анализа ќе покаже за евентуална можност за воведување посебен сектор за инспекциски надзор, во насока на поуспешно извршување на една од законските надлежности за надзор и контрола на работењето на давателите на поштенските услуги – се вели во документот доставен до пратениците.

За материјалните расходи, како потрошни материјали, енергија, услуги, наемнина и други, се планирани 3,1 милион денари. Вкупно 8,8 милиони денари ќе бидат наменети за трошоци за провизии, за дневници за службени патувања, надоместоци на трошоци на вработените, за членарини, интелектуални и консултантски услуги.

Од Агенцијата за пошти информираат за активности што ќе бидат преземени следната година.

– Се очекува да се донесе нов закон за поштенските услуги, кој, меѓу другото, би вклучил и нови законски решенија за начинот на финансирање на работата на Агенцијата, одржување на финансиската стабилност на АД Пошта преку воведување механизам на државни субвенции за обезбедување на универзалната услуга и воведување посебно сметководство кај давателот на универзална услуга – АД Пошта. Ќе се сменат и други законски решенија, кои се веќе надминати во современите услови на развиена поштенска конкуренција и во однос на пресудите на Европскиот суд, или низ домашната практика на спроведување на законот се покажале како тешки за примена поради недоречености – велат од Агенцијата.

Во 2026 година, следствено со донесувањето на новиот закон и со транспонирањето на регулативата за достава на пакети, ќе следуваат активности за измена на веќе постојните подзаконски акти или носење и спроведување нови прописи врз основа на истиот.

– Со донесувањето нови подзаконски акти, ќе се зголемат безбедноста и квалитетот на поштенските услуги и ќе се зајакнат критериумите за исполнување на условите за добивање општо овластување за обезбедување поштенски услуги – велат од регулаторот.

Агенцијата и во 2026 година ќе продолжи да соработува со Царинската управа, Министерството за внатрешни работи, Државниот пазарен инспекторат и со Управата за јавни приходи во врска со иницијативата на Агенцијата за креирање политики за спречување на сивата економија во поштенскиот сектор, со Управата за финансиско разузнавање за зајакнување на капацитетите за спречување на перење пари и за унапредување на функционалноста на системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, како и со сите други релевантни институции и чинители во текот на работењето на Агенцијата во следната 2026 година.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ