Во „Јуроп хаус“ во Скопје, на 3 декември со почеток во 20:00 часот, ќе се одржи промоција на Зборникот од меѓународната научна конференција „Мит и драма: современи толкувања“, која се одржа во ноември минатата година.
На настанот ќе зборуваат уредниците на Зборникот: Наташа Аврамовска, Деспина Ангеловска, Дарин Ангеловски, Бесфорт Идризи, Владимир Мартиновски и Кристина Н. Николовска.
Зборникот, во издание на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, Институтот за македонска литература – Скопје, Факултетот за драмски уметности – Скопје, опфаќа 31 научен труд, вклучувајќи го и пленарното предавање на Светлана Слапшак (редовен професор и декан во пензија, Институт за балкански и медитерански студии и култура, ИБАМЕСК, Љубљана) и содржи трудови на македонски, англиски, француски, српски и на бугарски јазик.
На конференцијата одржана лани учествуваа повеќе од педесет експерти од областа на хуманистичките науки и театарските студии, кои истражуваат во земјава и во странство и дискутираа за комплексните релации меѓу драмата и митот, од времето на антиката, па сѐ до денес.












