Книгата за деца „ИНА“ од Весна Мојсова-Чепишевска, со илустрации на Иванка НиБа, а во издание на „Светулка“, ќе биде промовирана на 24 октомври (12 часот), во „Лабораториум“. За книгата ќе зборува Ана Јовковска, а во програмата ќе учествуваат децата од „Доза среќа“.

Обликувана како дневник, приказната ја следи првата училишна недела на Ина. Од понеделник до недела, таа самата раскажува за средбите со другите деца, за своето семејство и за чувствата што ги носи со себе. Низ нејзините прашања и реакции, младите читатели можат да препознаат дел од своите доживувања, а возрасните да согледаат колку значење имаат навидум малите нешта во детскиот свет.

Со страници за пишување, цртање и колаж, „Ина“ им го предава зборот и на своите читатели. Нивните мисли, чувства и доживувања добиваат место меѓу кориците. Секој примерок може да стане поинаков со личниот печат на детето што го чита. Токму спојот на книжевната приказна, илустрацијата и читателското учество е една од најпривлечните особености на изданието.

За Иван Антоновски, авторот на критичкиот осврт, „Ина“ е „книгата што ни недостигаше“. Нејзината вредност ја препознава во убедливиот детски глас, внимателно осмислената композиција и во моќта на приказната да нè приближи до искуството на другиот. Книга во која децата може да најдат другарка, а возрасните повод повнимателно да го слушнат она што им го кажуваат децата.

Ина сама нè воведува во својот свет. Има прашања што ја мачат, желби што ја движат и фантазија што им дава неочекувана смисла на секојдневните нешта. Нејзината прва училишна недела станува книжевна средба со радоста, несигурноста, семејната блискост и со храброста да се биде свој.

Мојсова-Чепишевска ја гради таа средба со топлина и со хумор, оставајќи им на читателите самите да ја откријат Ина.

За авторката на „Клуч во клучалката на детството“ и „Од Црвенкапа до Џинџуџе“, ова издание означува значаен творечки исчекор. Долгогодишната истражувачка и афирматорка на книжевноста за деца сега им се обраќа на најмладите со сопствена приказна, во која книжевното знаење се среќава со чувствителноста за детскиот свет.

Новата книга на Мојсова-Чепишевска им се обраќа на децата и на возрасните што читаат со нив.

ИЗДВОЕНИ