„Џез фактори фестивал“ од Битола потпиша меморандум за разбирање, соработка и размена со кинеските партнери, во рамките на конференцијата SPAF и CSIAF 2026, која се одржа во Шангај, Кина. Соработката со China SPAF, односно саемот за изведувачки уметности во рамките на Кинескиот меѓународен уметнички фестивал во Шангај (CSIAF), отвора можности за поврзување со меѓународни фестивали, културни организации и професионалци од областа на изведувачките уметности. За „Џез фактори фестивал“, ова партнерство е можност за поголема афирмација на македонските џез-музичари на меѓународната сцена, нивно вклучување во фестивалските програми и создавање услови за нови настапи и уметнички соработки.

Меморандумот го потпиша директорот на „Џез фактори фестивал“, професорот Сашо Поповски, а на церемонијата учествуваа и директорот на Џез-фестивалот во Петровац, Црна Гора, Винко Михајловиќ, и претставникот на Џез-фестивалот од Албанија, Јилјет Аличка.

– Преку потпишувањето на овој важен документ за разбирање, соработка и размена, отвораме нови можности за меѓународно културно поврзување. По три години членство во меѓународната културна мрежа на „Патот на свилата“, продолжуваме да градиме мостови на пријателство преку културата и уметноста – истакна Поповски.

Во рамките на презентацијата во Шангај, акцентот беше ставен на Националната џез-платформа на Македонија, нејзината улога во развојот и промоцијата на домашната џез-сцена, како и можностите за нејзино поврзување со кинеските културни институции, фестивали и музичари. Еден од приоритетите е и воспоставување академска соработка и универзитетска размена преку поврзување на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип со сродни високообразовни институции во Кина.

Планираните активности опфаќаат можности за размена на студенти и на професори, реализација на заеднички едукативни и уметнички проекти, работилници, мастер-класови и истражувачки активности во областа на џезот и на современата музика.

Според Поповски, ваквите партнерства може да придонесат за унапредување на музичкото образование, зголемување на меѓународната мобилност и за долгорочно поврзување на македонската и на кинеската музичка и академска заедница.

Значајно место во презентацијата имаше и едукативната програма „Џез фектори фор кидс“, која ја промовира музиката како универзален јазик што ги поврзува децата, ја поттикнува креативноста и инклузијата и создава можности за прифаќање на различностите и развој на меѓукултурниот дијалог.

Активностите во Шангај беа насочени и кон подготовките за јубилејното, десетто издание на „Џез фактори фестивал – Битола“, кое е најавено да се одржи од 13 до 18 април 2027 година. Од фестивалот најавуваат дека првите конкретни проекти и гостувања се предвидени за претстојната фестивалска сезона и за следното издание на манифестацијата.

ИЗДВОЕНИ