Проклетството на семејството продолжува: На 42 години почина внуката на Роберт Ф. Кенеди

79

Кајл Кенеди, внука на Роберт Ф. Кенеди и неговата сопруга Етел, почина на 42-годишна возраст. Зад себе ги остави своите два сина, дванаесетгодишниот Конор и десетгодишниот Деклан. Tаа починала на 21 септември во својот дом во Вествуд, Масачусетс. Причината за смртта не е наведена во објавеното соопштение, пренесува NBCnews.

Таа беше ќерка на Мајкл Кенеди, еден од единаесетте деца на Роберт и Етел Кенеди.

Пред шест години, Кајл претрпе тешка повреда на ‘рбетот, поради што остана парализирана. По тој настан, таа се посвети на борбата за правата на лицата со попреченост, особено залагајќи се за нивна еднаква положба во здравствениот систем. Како дел од овие напори, таа учествуваше на сослушување пред законодавниот дом на Масачусетс, посветено на дискриминацијата со која се соочуваат лицата со попреченост во здравството.

Синовите, Конор и Деклан, ги доби со Лијам Кер, кој во некрологот по смртта на Кајл е наведен како нејзин поранешен сопруг. Тие стапија во брак во август 2012 година, а свадбата привлече медиумско внимание, делумно и поради тоа што на прославата присуствуваше нејзиниот братучед Конор Кенеди, придружуван од неговата тогашна девојка, пејачката Тејлор Свифт.

Кајл и Лијам имаа и ќерка, Џозефин – сестра близначка на Конор – која почина само неколку дена по раѓањето.

Покрај двата сина, зад себе Кајл ги остави мајка си Викторија Дениз Гифорд, братот Мајкл, сестрата Рори, како и четворица внуци (од брат и сестра).

Кајл Кенеди е родена на 6 јули 1984 година во Вашингтон. Татко ѝ починал додека таа била дете – Мајкл Кенеди загинал во несреќа при скијање во 1997 година, на 39-годишна возраст.

Таа го посетувала приватното училиште „Милтон академи“, а подоцна студирала историја на Универзитетот Џорџтаун. Магистрирала во областа на рано детско и предучилишно образование на Универзитетот Пејс, а дополнително се усовршувала во сферата на образовната политика и менаџмент на Харвард. По завршувањето на студиите, таа работела како наставничка во Њујорк преку програмата Teach For America, која ги подготвува дипломираните студенти за работа во училишта – особено во заедници со недоволни ресурси.

Исто така, таа соработувала со технолошки компании на подобрување на наставните програми и посветила дел од својата професионална кариера на поддршка на наставниците кои работат со мали деца.

ИЗДВОЕНИ