Продолжи со градба на фекална канализација во населеното место Илинден, во месноста викана Плац. Од Општина Илинден соопштија дека се работи на најнискиот и најкритичниот дел од населеното место Илинден, а се зафаќаат куќите кои најчесто се поплавувани при појава на врнежливи денови.
Со градежните активности на терен ќе се изведе линија на фекална канализација во должина од 400 метри, ќе се постават 15 ревизиони шахти, како и дополнително ќе се изгради нов препумпен уред преку кој оваа мрежа ќе се поврзе со веќе изградената фекална канализација за населеното место Илинден, месност викана Плац, која е во должина од 4.200 метри.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, посочи дека со реализација на овие активности, конечно, по долг период, жителите од влезот на населено место Илинден ќе добијат систем за фекална канализација, со што ќе се реши нивниот голем проблем со постојаните поплавувања на нивните дворови и објекти.