ПРОБЛЕМОТ СО БЕСПРАВНАТА ГРАДБА И НАТАМУ ВО ТЕМЕЛОТ: Багерите забрчеа, ќе стигнат ли до секоја дивоградба?

Новите градоначалници на неколку општини тргнаа во уривање на дивоградбите на нивните подрачја, по што се отвора дилемата дали ќе следуваат и други пошироки акции за расчистување со бесправната градба. Во јавноста, пак, има дилеми околу вистинскиот број бесправни објекти кој, според изјавите на државните функционери и на пратениците, се движи од 50.000 па до 200.000. Самото тоа што и натаму имаме толку примери на бесправно градење сведочи за тоа дека кај некои луѓе уште постои мислење дека може да почне бесправно да гради, дека „имам човек кој ќе ми среди работа“, дека „нема да ме урнат, а потоа ќе легализирам...“, вели Никола Велковски, поранешен главен скопски архитект

62

Багерите збревтаа и бетонските конструкции кои биле подигнати без каква и да е дозвола, почнаа да се уриваат. Засега, само на скопското подрачје. Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска објави како почнале со уривање на бесправен објект чиј сопственик продолжил со градежни активности и покрај издаденото решение за запирање на активности. Уривањето се изврши додека градбата уште била во фаза на карабина. Претходно, пред неколку дена, во Гази Баба, исто така, тамошните булдожери, во присуство и на полицијата, ја урнаа дивоградбата во Инџиково која била карабина, но сопственикот тргнал да гради уште еден кат. Уривање имаше и на подрачјето на скопската општина Центар, каде што се урна нелегална доградба на деловен објект на атрактивната улица „Орце Николов“. Истовремено, и скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, тргна во акција со која булдожерите ги донесе на кејот на Вардар во близина на хотелот „Холидеј ин“, по што деновиве го расчистува просторот од нелегално поставени угостителски објекти кои таму постоеле и работеле со години. Во Куманово, пак, започна со отстранување на урбаната опрема на угостителските објекти, која е нелегално поставена на јавните површини во градот. Прв на ударот беше објектот на „Ирски паб“, а во јануари ќе се постапува уште на два објекти во центарот на градот, а потоа и на останатите во поширокиот опфат. Пред неколку месеци беше отстранет дел од локал кој зафаќаше тротоар на бул. „Октомвриска револуција“.

Сето ова, на свој начин, како да укажува дека градоначалниците кои започнале со своите нови мандати тргнале во расчистувањето на еден од најголемите проблеми на нивното подрачје, но и во земјава – дивоградбите. Вакви бесправно изградени објекти насекаде низ земјава, и покрај акциите за масовно легализирање и воведување ред, не само што не исчезнуваат туку и одново се градат, во некои случаи добивајќи и димензии на цели висококатници. За зад сето тоа стои замижување на надлежните органи, неефикасни инспекциски служби, па сè до мито и корупција.

Повеќе бесправно градење од уривање

Правењето на новите дивоградби на подрачјата на македонските општини секоја година уредно го евидентира и државната статистика. Се работи за податоците што ги пријавуваат самите општини, но за кои има дилема дали ги опфаќаат сите направени дивоградби. Но и како така нецелосни, податоците се загрижувачки бидејќи секоја година, во просек, по земјава се градат по околу 700-800 дивоградби од најразличен вид. Минатата година ги имало 757, во 2023 година – 780, во 2022 – 662, во 2021 – 739, при што ги има насекаде. На пример, пред две години, во скопската општина Карпош биле подигнати 34 дивоградби, во Центар – 32, во Кисела Вода 24, а во Велес 49, Куманово 39. Тетово 17, Кавадарци 15, Струга 10, Охрид – 7… Но, за сите нив немаше вести дека општинските служби ги активирале багерите.

Архитектот Никола Велковски, поранешен градски архитект на Скопје, ни вели дека е очигледно дека кај дел од граѓаните уште преовладува мислење дека се исплаќа да се тргне во бесправното градење.

–Самото тоа што и натаму имаме толку примери на бесправно градење сведочи за тоа дека кај некои луѓе уште постои мислење дека може да почне бесправно да гради, дека „имам човек кој ќе ми среди работа“, дека „нема да ме урнат, а потоа ќе легализирам…“. Односно, едно чувство дека законот може да се изигра наспроти општествената потреба да се почитува ред и законот. Па така, се тргнува во градба, на лично свое или на државно земјиште, се гради брзо за потоа општината да се откаже од уривањето на веќе направен голем објект – објаснува Велковски во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

За исчезнувањето на дивоградбите не помогнаа ни масовните акции за легализација. Најголемата акција беше во 2011 година, кога се донесе закон со кој сопствениците на дивоградбите добија шанса до 2018 година да легализираат околу 310.000 дивоградби по цена едно евро за квадрат, колку што дотогаш ги евидентирала Агенцијата за катастар на недвижности. Условот бил само дивоградбата да била изградена најдоцна до март 2011 година. Но, и ваков закон не ги реши проблемите со дел од дивоградбите, поради што во мај 2021 година, пратениците во македонскиот парламент по скратена постапка донесоа нов закон со кој се предвидуваше и легализација на дивоградби изградени во заштитени подрачја, национални паркови, во регионот Охрид и Струга заштитени од УНЕСКО, во природни резервати, во зони на извори на вода… Но, на ова се спротивстави тогашниот шеф на државата, Стево Пендаровски, кој не ги потпиша указот и законот што предизвикаа отпор во јавноста и не стапија на сила. Преклани, пак, имаше уште ден обид да се изгласа ист таков закон со кој би се овозможила легализација и во заштитените подрачја, но со големо мнозинство гласови го одбија предложеното решение од страна на нивниот колега Скендер Реџепи, кое требаше да опфати околу 50.000 останати дивоградби.

Фактички, и по масовниот процес на легализации, почна да се оперира со постоењето на десетици илјади дивоградби, а за кои не е јасно настанале и во кои периоди. Конфузијата околу бројките во јули годинава ја крена и тогашниот вицепремиер, а сега чаирскиот градоначалник, Изет Меџити, кој јавно кажа дека низ државата се регистрирани повеќе од 200.000 дивоградби!?

–Во 80 општини има преку 200.000 дивоградби, а во албанските општини предничи Општина Гостивар. Институциите треба да постапуваат неселективно во сите општини, кажа тогаш Меџити, но по што немаше акции за уривање.

Малку инспектори, мали и ефекти

Во меѓувреме, изградбата на дивоградбите по општините доби нови димензии откако летоска, поранешната скопска градоначалничка, Данела Арсовска, обвини за цели дивоизградени станбени згради на подрачјето на Општина Чаир. Случајот сè уште го истражува Јавното обвинителство и потоа, најверојатно, ќе се знае што ќе се прави со нив. Доколку излезе дека се дивоградби, тогаш ќе се постави прашањето дали се градени според законските стандарди, дали има опасност од уривање, од избувнување пожари, од несоодветна електрична инсталација и слично. Односно, кој ќе ја преземе одговорноста доколку тие објекти и натаму продолжат да постојат?

Очигледно, проблемот со новите дивоградби води кон прашањето зошто надлежните општински и други служби дозволуваат нивни градби и ги попречуваат и ги уриваат уште додека се на почеток? Ваквото прашање води кон одговорот дека во многу општини нема соодветни инспекциски градежни и комунални инспектори кои би се занимавале со ова. Новинарските истражувања во минатата година покажале дека во речиси 30 општини во Македонија воопшто нема градежни инспектори кои би откривале и би иницирале постапки за уривање на дивоградбите, а 33 општини само еден инспектор имаат. Девет општини имаат по двајца градежни инспектори, а само една локална власт има повеќе од двајца.

– Посебен проблем е што и нема такви кадри кои би се нафатиле да работата како градежни инспектори надлежни и за уривање на дивоградби. Таквото работно место повлекува притисоци, закани, не толку голема плата, па оние што имаат квалификации попрво одат во приватен сектор. Општеството треба да го подигне дигнитетот на професија инспектор за да добиеме квалификувани кадри кои ќе знаат да се справуваат со дивоградбите. Со таа дејност не може да се бават почетници – објаснува Никола Велковски.

Невена Георгиевска, независен советник во скопската општина Карпош, смета дека дивоградбите не запираат и нема да запрат, затоа што се поддржани од секоја власт досега.

– Се носат закони за правен статус на бесправно изградени објекти, се озакони и се награди криминалот. Додека, граѓаните што ги следат процедурите и уредно плаќаат данок се во подредена положба во однос на „повластените градители“. Овде не мислам на сите тие што граделе колку да имаат покрив над глава или од кои било причини, а најмногу поради неажурноста на администрацијата (државата), не успеале да ги озаконат ваквите домови, а се секогаш наводна причина за менување на закони. Тргнете од тоа што имаме случај за згради кои се нелегално изградени, приклучени на постојана инфраструктура со поддршка на локални власти, без притоа воопшто некој да поднесе политичка и морална одговорност, доволен факт за корупцијата што владее. Додека во моментот се рушат одредени мали објекти, а на ваквите огромни објекти и на тие што ги овозможиле не им фали ништо, би рекла дека е само предновогодишна претстава за мали деца – нагласи Георгиевска во изјавата за весникот ВЕЧЕР. (Б. Ѓ.)

 

Зошто државата гради бесправно?

Статистиката, инаку, редовно забележува дека иако зад дивоградбите најчесто стојат приватните сопственици, има примери каде што бесправни објекти биле направени и од страна на државата. Така, во 2021 година во државна сопственост била 24 направени бесправни објекти, во 2022 – 21, а преклани во 2023 година – дури 46. Каков е сегашниот статус на овие објекти, не е познато.

ИЗДВОЕНИ