Приватните превозници се вратија во градскиот превоз

116

Приватните превозници од вчера повторно се вклучени во сообраќај. Нивниот претставник, Јовица Зафировски, денеска, за весникот ВЕЧЕР истакна дека во средата им бил уплатен минимален износ средства од долгот што го има Град Скопје кон нив.

– Ни уплатија минимална сума за да  можеме да опстоиме до понеделник. Очекуваме в понеделник да биде исплатен поголем дел од долгот. Се надевам дека ќе се надмине проблемот и дека ќе нема потреба повторно да ги повлечеме нашите возила – изјави Зафировски.

И од Град Скопје денеска потврдија дека според увид од Центарот за сообраќај, приватните превозници возат редовно.

– Имаме известување од ЈСП дека приватните превозници не возеле во вторникот, но беше и институционално најавено дека ќе има политички обид повторно да се креира хаос во Скопје за дефокусирање од криминалот со дивоградбите – известија од Град Скопје.

Оттаму нагласија дека за какви било информации поврзани со договорот склучен меѓу ЈСП и приватните превозници – надлежно е ЈСП.

Приватните превозници не возеа во вторникот и во средата, а причина, како што истакна Зафировски, било тоа што ЈСП не им го сервисирало долгот, кој, како што кажа, изнесува 150 милиони денари (или 2,44 милиони евра), и тоа за трите пакети.

Зафировски информираше дека со ЈСП се потпишани договорите, кои им истекоа на крајот од мај.

Превозниците очекуваат наскоро да се објави нов повик за распределба на линиите. Тие ги покриваат линиите: 23, 45, 61, 63, 73, 9, 11, 11а, 12, 47а, 55, 19, 20, 22, 52, 54, со 105 автобуси.

Пред две години, градоначалничката Данела Арсовска ги прекина договорите со „Слобода превоз“ и со „Макекспрес“, обвинувајќи ги за непочитување на договорните обврски. По неколку месеци преговори и неуспешни јавни огласи, беше склучен нов договор со три приватни превозници и автобусите повторно се вратија на улиците.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ