Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на АДП-групацијата, ја доби Ниво 2 акредитацијата за управување со емисии на јаглерод, доделена од Меѓународниот совет на аеродроми (Airports Council International – ACI).

Акредитацијата е дел од глобалната програма Airport Carbon Accreditation (ACA) и е признание за активностите што охридскиот аеродром ги спроведува во насока на мерење, анализа и намалување на јаглеродните емисии во своето работење.

– Достигнувањето на акредитацијата Ниво 2 претставува официјално признание дека Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид систематски ги мери, анализира и активно работи на намалување на своите емисии на јаглерод. Оваа акредитација ја потврдува нашата посветеност како ТАВ Македонија кон меѓународните стандарди за одржливост и испраќа јасна порака дека заштитата на животната средина е стратешки приоритет во работењето на аеродромите што ги управуваме – изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.

Со добивањето на Ниво 2 акредитацијата, охридскиот аеродром докажува дека не само што го разбира сопственото јаглеродно влијание, туку и дека има воспоставено конкретни и мерливи цели за активно намалување на емисиите од Опсег 1 и Опсег 2. Овие емисии ги опфаќаат потрошувачката на енергија, греењето и ладењето на објектите, како и возилата во сопственост на аеродромот.

Меѓу клучните иницијативи што придонеле за постигнување на ова ниво се транзицијата на возниот парк, зголемената употреба на батериска и хибридна опрема за копнена поддршка, оптимизацијата на енергетската потрошувачка, користењето обновливи извори на енергија и инвестирањето во инфраструктура за полнење електрични возила. Дополнително, аеродромот вложува и во подобрено управување со отпадот, ефикасно користење на водата, обуки за вработените и активности за подигање на свеста за одржливост, како и во работата на Комитетот за одржливост.

Програмата Airport Carbon Accreditation е единствената институционално призната глобална сертификација за управување со јаглеродни емисии на аеродромите. Таа ги оценува и ги признава напорите на аеродромите преку седум нивоа на сертификација – од Ниво 1 до Ниво 5.

Меѓународниот совет на аеродроми (ACI) е глобална трговска организација која ги претставува аеродромите ширум светот и работи на унапредување на безбедноста, ефикасноста и на одржливиот развој на воздухопловството.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ