Природните раритети на Јабланица во студија за заштитено подрачје

37

– Изработката на оваа студија претставува клучна стручна основа за натамошната постапка за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје, со што ќе се овозможат долгорочна заштита и одржливо управување со еден од највредните природни региони во земјата – потенцираат од Министерството за животна средина и просторно планирање. 

Во рамките на Програмата за природа за 2025 година, обезбеден е буџет и е склучен договор за јавна набавка за изработка на студијата

 

Министерството за животна средина и просторно планирање започнува со изработка на студијата за валоризација на природните вредности на масивот Јабланица, како прв и суштински чекор во процесот за нејзино прогласување за заштитено подрачје, согласно со Законот за заштита на природата.

Иницијативата за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје е поднесена од општините Струга и Вевчани, месните заедници и од невладиниот сектор, а Владата на својата седница одржана на 22 јануари 2019 година го задолжи МЖСПП да обезбеди средства за изработка на студијата во соработка со двете општини.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека во рамките на Програмата за природа за 2025 година, обезбеден е буџет и е склучен договор за јавна набавка за изработка на студијата.

– Овој процес ќе опфати подготовка на конечната верзија на студијата, согласно со законската регулатива, создавање база на податоци за биолошката разновидност, геодиверзитетот, живеалиштата, хидрологијата и за другите природни елементи, теренски истражувања и ГИС-обработка на податоците од национално и ЕУ-значење, како и организација на две јавни консултативни средби за вклучување на засегнатите страни во финализирањето на документот – соопштија од ресорното Министерство.

Планината Јабланица е природно богатство со исклучителна биолошка и геолошка вредност. Таа веќе е дел од националната Емералд мрежа на подрачја од особено значење за зачувување на природата и е идентификувана како потенцијално подрачје во идната Натура 2000 мрежа.

– Изработката на оваа студија претставува клучна стручна основа за натамошната постапка за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје, со што ќе се овозможат долгорочна заштита и одржливо управување со еден од највредните природни региони во земјата – потенцираат од МЖСПП.

Во 2023 година, од МЖСПП беше финансирана и изработена социоекономска студија за прогласување на планината Јабланица за заштитено подрачје, односно национален парк, како што е делот на Јабланица во Република Албанија, прогласен во 2008 година.

 

ИЗДВОЕНИ