Предлог-законот за енергетика го помина второто читање пред надлежните собраниски комисии за економски прашања, труд и енергетска политика и законодавно правната комисија. Во фазата на второто читање остана разгледување на текстот на Дополнетиот предлог на закон за енергетика на седница на Собрание, на која следи и постапка на донесување на законот и негово објавување во Службен весник.

Од Министерството за енергетика, како предлагачи на законот, очекуваат истиот да биде донесен во текот на овој месец, со што во целост ќе се испочитуваат роковите за негово донесување од реформската агенда и обврските кон Европската енергетска заедница каде што сме членка.

– Станува збор за клучен закон кој отвора нови можности за пазарот и обезбедува фер услови за сите учесници–граѓаните, преку стопанството, до јавните институции. Ова е закон што ја носи Македонија чекор поблиску до европскиот енергетски пазар, но и ја зајакнува нашата внатрешна стабилност и отпорност“ -изјави министерката Сања Божиновска.

Во текот на амандманската расправа беа прифатени 61 амандман од поднесените 71 од пратеници од сите пратенички групи.

– Во амандманската расправа беа прифатени повеќе суштински амандмани, а како најзначајни ги издвојуваме амандманите кои се однесуваат на: задолжително воведување на складишта (батерии) за новите електроцентрали од варијабилен обновлив извор на енергија; воведување обврска инвеститорите да докажат дека имаат средства во износ од 100.000 евра на сметка или во основни средства при издавање на лиценца за вршење на енергетските дејности трговија и снабдување со електрична енергија; допрецизирани се одредбите за именување и разрешување на членовите на Регулаторната комисија за енергетика; исклучокот за друштвото кое врши дејност дистрибуција на гас да може да врши и дејности снабдување со гас, снабдување со гас со обврска за јавна услуга и снабдување со гас во краен случај, доколку има приклучени помалку од 100.000 потрошувачи; делот за дополнителен приход за операторот на електродистрибутивниот систем кој го продава вишокот на електрична енергија за секоја продажба да има обврска да ја извести Регулаторната комисија за енергетика; во делот на одвоено сметководство додадена е обврска на носителите на лиценци за вршење енергетски дејности во годишната сметка доставена до Централниот регистар одделно по шифра на дејност да го прикажат приходот од секоја енергетска дејност за која поседуваат лиценца; допишани се преодни одредби за постојните одлуки за сертификација за МЕПСО и НОМАГАС, како и преодни одредби за вршителите на енергетски дејност кои за првпат ги воведуваме како енергетски дејности со овој закон за кои е потребно лиценца за вршење на дејноста – велат од Министерството за енергетика.

ИЗДВОЕНИ