Германската параолимпијка во скијање, Катрин Маршан, денес ќе стане првата спортистка во историјата што се натпреварувала во три различни спортови на Олимписките игри. Маршан прво се натпреваруваше како веслачка на Олимписките игри во Лондон 2012 година (седмо место во тим од осум члена) и во Рио 2016 година (осмо место во двочлениот тим).
По мозочниот удар во 2021 година, таа учествуваше на Летните параолимписки игри во Париз 2024 година, исто така во веслање. Сега ќе се натпреварува како крос-контри скијачка на Зимските параолимписки игри и ќе влезе во спортската историја. Нејзини дисциплини се спринт од 1,3 км (денеска, 10 март) и класична трка од 10 км (11 март).
По разочарувачкото четврто место во Париз 2024 година, Маршан веќе одлучи да ја заврши својата спортска кариера. Сепак, во Германија, комесарот за спортови на издржливост на Германското здружение за спортови за лица со попреченост ѝ порача да се проба во крос-контри скијање. По пробното возење на ролерки на паркингот пред стадионот Мингерсдорфер, таа се согласи, објави „Билд“.
„За да продолжи со својата нова зимска кариера, докторката дала отказ од својата работа со полно работно време за да оди во клиниката „Ортопарк“ во Келн, каде што е вработена со скратено работно време. Таа поминува две недели месечно тренирајќи во Нордискиот центар во Фрајбург“ – пишуваат германските медиуми.
Само една зима ѝ беше доволна за да се пробие на врвот во светот. На Светското првенство во Тоблах, во декември 2025 година, таа заврши шеста во класичната трка на 10 километри. Неодамна, двапати заврши четврта на Светското првенство во Финстерау.
- Досега, олимписки или параолимписки медал секогаш ми избегал. Ако можам да освојам еден сега како крос-контри скијачка, тоа би бил сон што би станал реалност, порача Маршан.
Нејзиниот живот целосно се променил на 1 септември, 2021 година. Додека возела велосипед за вежбање дома, левата страна од нејзиното тело одеднаш се вкочанила и нејзиниот вид се заматил. Како докторка, таа веднаш знаела што е тоа – мозочен удар. Оттогаш, таа има проблеми со координацијата на левата страна од телото, а видното поле на двете очи ѝ е намалено за една третина. – Беше шок и ми требаше долго време да се помирам со тоа. Но, сега ги прифаќам работите какви што се. Реално, требаше да умрам. Моите шанси за преживување беа помали од пет проценти. Сè низ што минувам сега го сметам за уште една можност, рече таа.
Маршан, која е финансирана од инвалидска пензија, спортски грант од 1.050 евра, работа со скратено работно време и помош од три спонзори, исто така повторно почна да весла. Таа освои европско и светско злато во двојки во 2025 година.
- Летните параолимписки игри во Лос Анџелес во 2028 година се цврсто во моите планови, заклучи Маршан, која најави дека ќе се појави и на ЛОИ 2028.











