Во Македонскиот народен театар, на 8 мај во 18:00 часот, премиерно ќе биде изведена претставата „Жива досада“, авторски проект на актерките Билјана Јовановска, Изабела Јакимова и Нина Деан, а режијата ја потпишува Јовановска. Во претставата играат: Гоце Андонов, Нина Деан, Изабела Јакимова, Јана Вељановска и Билјана Јовановска – алтернација.
Темата на претставата е досадата на децата во денешно време, кога авторите ги охрабруваат како децата така и родителите да остават да им биде досадно без да ги окупираат со разни обврски, само за да ја избегнат досадата. Ликовите на децата, Вања и Бојана, кои се претставници на децата на денешното време, во еден момент се среќаваат со дел од ликовите на Недојдија, каде што во одреден момент си ги менуваат местата, со цел да докажат во чие време е подосадно. Претставата поентира со тоа што ги охрабрува децата да веруваат во магијата на играта, како и да научат да комуницираат вербално меѓу себе. Сценографијата е на Мартин Манев, музиката е на Оливер Митковски, костимограф е Валентина Чонкова, а кореограф е Нина Деан.
Претставата е наменета за возрасната категорија над пет години. Следната изведба е на 9 мај во 18:00 часот.