среда, јануари 28, 2026
Дома СВЕТ Пресврт во американската одбранбена стратегија: Европа да се брани сама, Русија и...

Пресврт во американската одбранбена стратегија: Европа да се брани сама, Русија и Кина веќе не се опасни за САД

61

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп го префрла акцентот на одбраната кон прашањата за внатрешна безбедност, првенствено кон заштитата на границите и борбата против наркотиците. Стратегијата се навраќа на Монроовата доктрина од 19 век, според која сферата на влијание на Америка се протега низ целата западна хемисфера. Кина е ставена на втор план, Тајван не се споменува, а за Русија едвај има понекој збор

 

Соединетите Американски Држави целосно ја менуваат својата одбранбена стратегија. Во годинашната Национална одбранбена стратегија, Пентагон наведува дека поддршката на Европа ќе биде ограничена, САД ќе се фокусираат на внатрешната безбедност, а Русија и Кина веќе не се сметаат за закана.

Како што пишува „Би-би-си“, администрацијата на претседателот Доналд Трамп го префрла акцентот кон прашањата за внатрешна безбедност, првенствено кон заштитата на границите и борбата против наркотиците. Во документот се наведува дека Пентагон ќе му обезбеди на претседателот Трамп „кредибилни опции за да се гарантира американскиот воен и комерцијален пристап до клучниот терен од Арктикот до Јужна Америка“, вклучувајќи ги Гренланд, Мексиканскиот Залив (Американски Залив) и Панамскиот Канал. Ова соодветствува на таканаречената Монроова доктрина од 19 век, според која сферата на влијание на Америка се протега низ целата западна хемисфера. Стратегијата дава приоритет на развојот на „Златната купола“, скап американски систем за воздушна одбрана, која, според Трамп, треба да се изгради на Гренланд, за што САД би морале да имаат суверенитет над барем дел од островот.

Кина во документот е ставена во втор план. Се наведува дека Вашингтон не се стреми да го „задуши или да го понижи“ Пекинг, туку да го одврати „со сила, а не со конфронтација“, а воедно охрабрува „почитувачки односи“. Целта, како што е наведено, е да се воспостави рамнотежа на моќ во Индопацифичкиот Регион, што би овозможил „пристоен мир“. За разлика од претходните верзии на стратегијата, Тајван воопшто не се споменува во документот. Од друга страна, Русија едвај се споменува. Пентагон ја опишува руската закана како „упорна, но поднослива“, нагласувајќи дека таа првенствено ги погодува источните членки на НАТО, па затоа, тие треба да го носат најголемиот товар. Во документот се наведува дека Москва не е во позиција да се бори за хегемонија над Европа и дека европските членки на НАТО ја надминуваат Русија во однос на економскиот потенцијал и латентната воена моќ.

Новата одбранбена стратегија предвидува сојузниците, особено Европа, да ја преземат водечката улога против заканите кои се помалку сериозни за Америка, но се посериозни за нив. Наведено е дека Пентагон ќе ги охрабри и ќе им овозможи на сојузниците на НАТО да ја преземат примарна одговорност за европската конвенционална одбрана со клучна, но поограничена поддршка од САД. Притоа, целта е да се изврши притисок врз сојузниците да ги исполнат обврските во врска со зголемување на трошоците за одбрана преземени на самитот на НАТО во Хаг, како и проширување на трансатлантската индустриска соработка во одбраната и намалувањето на трговските бариери во одбранбениот сектор.

Националната стратегија за одбрана што ќе се применува годинава се потпира врз Националната стратегија за безбедност објавена лани, во која се наведува дека Европа се соочува со цивилизациски колапс, а Русија не е претставена како закана за САД. Москва ја поздрави таа стратегија оценувајќи дека е „во голема мера во согласност“ со нејзината визија.

 

ИЗДВОЕНИ