Минатогодишниот учесник на фајналфорот во Евролига, тимот на Монако, се наоѓа во многу тешка ситуација. Неодамна се појави информација дека богатиот сопственик, Алексеј Федоришев, решил да го продаде Монако, додека сега доаѓаат многу неповолни вести кои велат дека тој веќе се откажал од клубот.

Според информациите од порталот „Be Basket“, Монако е во сериозни финансиски проблеми, а на играчите им доцни платата, како и на другите вработени, поради што е загрозена стабилноста на овој некогаш амбициозен проект.

Иако се зборува за заминување на Мајк Џејмс на крајот од сезоната, некои играчи не ги добиле своите целосни плати од ноември, додека декемвриските плати сè уште не се исплатени. Да не зборуваме ни за тоа кога ќе ги добијат платите за јануари. Затоа има незадоволство во соблекувалната, па дури се зборуваше и за можен штрајк пред натпреварот од домашното првенство.

Патем, Монако успеа да исплати дел од платите на своите најголеми ѕвезди преку „алтернативни сметки“ во последните недели, но четирите најплатени играчи сè уште чекаат на поголемиот дел од нивната заработка.

Според неофицијални информации, проблемот не се однесува само на платите на вработените и на играчите, туку и на голем број неплатени фактури и на долгови кон агентите, како и други оперативни трошоци за претходната и тековната сезона, за кои Монако наскоро треба да добие нова казна.

Претходно, Евролигата го казни Монако со 300.000 евра и забрани регистрација на нови играчи. Патем, Монако има буџет од повеќе од 40 милиони евра и прашањето е каква иднина го чека овој клуб, кој е шести на табелата во Евролигата со 15 победи и девет порази.

ИЗДВОЕНИ