Пресврт: „Романскиот Трамп“ сепак не се предава, ќе ги оспори изборните резлутати!

69

Лидерот на романската крајнодесничарска партија, Ѓеорѓе Симион, денеска изјави дека ќе се обиде да го оспори својот изборен пораз пред Уставниот суд, наведувајќи го мешањето на Франција и Молдавија во романските избори, кои се одржаа во неделата.

„Изборите ќе ги оспориме во Уставен суд од истите причини поради кои ги поништија изборите во декември. Сега имаме непобитни докази за мешањето на Франција, Молдавија и други актери, во оркестрирани напори да се манипулира со институциите, да се насочат медиумските наративи и на крајот да се наметне исход што не ја одразува суверената волја на романскиот народ“, рече Симион.

Тој рече дека во Молдавија се потрошени 100 милиони евра за купување гласови и тврди дека „мртвите“ гласале во вториот круг во неделата.

Тој се осврна на тврдењата на Павел Дуров, основач на апликацијата за пораки Телеграм, дека француската влада побарала од платформата да ги „замолчи“ конзервативните гласови пред претседателските избори.

Симион рече дека судот треба да го повика Дуров да сведочи и „од прва рака да сподели што знае за дезинформациите и дигиталните операции што ги нарушија романските избори“ пред да биде потврден резултатот, пренесува Политико.

„Ниту Франција, ниту Молдавија, ниту кој било друг нема право да се меша во изборите на друга земја“, рече тој.

Симион додаде дека верува дека има мали шанси Уставниот суд на Романија да ги поништи изборите по неговата жалба и ги повика Романците исто така да поднесат жалби.

Во вториот круг од повторените претседателски избори во Романија, Никушор Дан освои 53,60 отсто од гласовите, додека кандидатот на десницата Ѓеорѓе Симион освои 46,40 отсто.

Повторените избори беа одржани откако првиот круг од претседателските избори во ноември, на кои победи Калин Ѓорѓеску, беше поништен поради наводно руско мешање во корист на Ѓорѓеску.

Москва ги отфрли тие обвинувања.

Претседателот на Романија има значителни овластувања, бидејќи тој е задолжен за одбранбениот совет кој одлучува за распоредување на воена помош, ја води надворешната политика и има можност да стави вето на одлуките на ЕУ кои бараат едногласност меѓу земјите-членки.

ИЗДВОЕНИ