И по пет дена откако, во понеделникот, лидерот на крилото на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, објави излегување од владината коалиција и од коалицијата „Вреди“, сè уште не се знае за кој табор се определени пратениците и функционерите на АА. Додека и натаму се чека изјаснувањето на сè уште актуелниот министер за добро владеење, Арбен Фетаи, и на двајцата заменици-министри – за Одбрана и за Земјоделство, сега неизвесноста се врзува за статусот на петтемина пратеници што ги има крилото на Таравари во македонскиот Парламент. Досега, никој од овие пратеници не даде јавна изјава за тоа дали останува или заминува од таборот на доскорешниот министер за здравство. Од друга страна, во редовите на пратеничката група на „Вреди“, која досега имаше 14-мина пратеници, почна раздружувањето. Така, завчера, деветтемина пратеници од трите партии, кои сега ја сочинуваат коалицијата „Вреди“, го информираа парламентарниот спикер, Африм Гаши, дека ќе оформат нова пратеничка група. Таа ќе биде составена од деветмина пратеници, а нивни координатор е Беким Ќоку. При ова, индикативно е дека меѓу нив нема никој од петтемина пратеници од крилото на Таравари.
Но, тоа денеска не му беше проблем на вицепремиерот Изет Меџити, кој е еден од лидерите на „Вреди“, да соопшти дека „Владата има стабилно мнозинство и дека, и без Таравари, имаат 13-14-мина пратеници“.
– Во моментов, Владата има стабилно мнозинство и веќе има ист број пратеници и по заминувањето на Таравари. И во албанскиот дел има легитимитет и ист број, и без Таравари имаме 13-14-мина пратеници – изјави вчера Меџити и соопшти дека се преговара со пратеници од „Европскиот фронт“, „кои се опозиција и, можеби, ќе преминат од другата страна“.
На новинарско прашање дали ќе дејствуваат тие како дел од пратеничката група на „Вреди“, Меџити одговори дека дел се од мнозинството и од „Европскиот фронт“ и, рече, „ќе бидат поддршка за Владата“. За тоа дали вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, кадар од партијата на Таравари, ќе остане на функцијата, со оглед дека сè уште нема најавено оставка, Меџити одговори „добро ја тера работата, успешно придонесува за промените и се надевам дека ќе продолжи“.
Наспроти ова, од редовите на крилото на Таравари тврдат дека никој од петтемина пратеници не заминува од нивните редови. Нивниот координатор, Халил Снопче, вчера го оспори формирањето на новата пратеничка група на „Вреди“.
– Формирањето на пратеничката група на „Вреди“ не е деловничко. Како прво, нема ни плус 1, нема ни плус 3, ни плус 4, ни плус 5 пратеници, како што изјавуваа. Значи, само е архивиран документ со девет имиња и презимиња, без нивни потписи. Очекувам да биде одбиено ова барање од страна на претседателот на Собранието или од генералниот секретар. Не можеш да формираш пратеничка група без да се повлечеш од постојната група. Сите петмина пратеници на АА застануваат зад Таравари, а нивното барање за пратеничка група треба да се очекува следната недела – најави Снопче.
Од друга страна, Изет Меџити најави дека од „Вреди“ ќе го дадат предлогот за нов министер за здравство откога ќе завршат преговорите што се водат во моментов со членови на албанските партии што сега се во опозиција.
– Деновиве сме во преговори за повеќе опции, како политички опции. Ќе видиме како ќе заврши тоа, па врз основа на тоа ќе дадеме нов предлог за Министерството за здравство. Мислам на други поединци, политички субјекти што се надвор од „Вреди“, во рамките на „Европскиот фронт“, кои сега се во опозиција и, можеби, ќе преминат од другата страна. Преговараме со повеќемина, ќе ве известиме кога ќе има резултати. Сигурно ќе биде тоа следната недела – рече министерот Меџити.
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, пак, во едно интервју прексиноќа откри дека Таравари „имал бел лист на маса за да напише колку општини сака да добие“.
– Но тој одлучи да оди сам на изборите и повеќе сакаше да оди во прегратките на ДУИ. Допрва ќе видиме како ќе влијае неговото приклучување кон „Европскиот фронт“ врз рејтингот. Нашата цел на локалните избори е владејачката коалиција да добие најмалку 50 отсто од општините за да ги порази Ахмети и Таравари – рече тој. (Б. Ѓ.)
Претседателката на државата не го разбира потегот на министерот за здравство
Она што го направи министерот за здравство, Арбен Таравари, јас не го разбирам, изјави прексиноќа претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.
– Сите ние понекогаш менуваме став, ама ова навистина да не знаете кој е ставот и зошто е, е крајно невообичаено. Јас ги паметам дискусиите во Парламентот за Раскољников точно од една партија, па потоа Раскољников стана некој што може да се толерира. Значи, не мислам дека е во право ДУИ кога зборува вака, но некогаш кога ќе тргне да се тркала лавината или топката, таа добива некои чудовишни димензии – рече таа во вчерашното интервју за телевизија „Телма“.