Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека има намера да испрати исто писмо до повеќе од 150 земји, информирајќи ги за царините со кои ќе се соочат.
„Сè ќе биде исто за сите, за таа група“, изјави Трамп пред новинарите за време на состанокот со бахреинскиот престолонаследник Салман бин Хамад ал-Калифа во Белата куќа, пренесе „Ју-Ес Политико“.
Трамп рече дека „ова не се големи земји“ и дека работењето со нив нема голем обем.
Зборувајќи за договорот за царини, Трамп рече дека САД се „многу блиску до договор со Индија“ и дека преговорите продолжуваат со Јапонија, главен трговски партнер на кој тој му се закани со царина од 25 проценти, но дека не мисли дека ќе се постигне договор со таа земја.
Трамп веќе испрати околу дваесетина писма со кои ги информира поединечните трговски партнери како што се Европската Унија, Јапонија и Јужна Кореја за царинската стапка што ќе стапи на сила врз нив на 1 август.
Тоа предизвика интензивна последна фаза од преговорите во која целните земји се обидуваат да ја убедат администрацијата на Трамп да им понуди поповолен договор.