Францускиот премиер Себастиен Лекорну изјави дека распоредувањето на полицијата за новите демонстрации, планирани за сабота, 24 октомври, ќе биде „масовно“, објави денеска парискиот весник „Ле Монд“.
„Распоредувањето на полицијата за новите демонстрации планирани за сабота ќе биде масовно“, рече Лекорну во парламентот, признавајќи дека распоредувањето на 17 октомври било „премногу статично и недоволно мобилно“.
„Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез веќе издаде упатства до полициските префектури“, додаде францускиот премиер.
Нуњез во парламентот изјави дека стратегијата ќе биде преиспитана во однос на бројот на припадници на безбедносните сили, нивното распоредување и методите на дејствување.
Францускиот министер за правда, Жералд Дарманен, претходно денеска изјави дека засега нема потреба од прогласување вонредна состојба; сепак, полицискиот час останува на сила во чувствителните урбани средини каде што избувна насилство за време на протестите минатиот викенд.
Дарманен напомена дека меѓу приведените демонстранти има и малолетници на возраст од 13, 15 и 16 години, иако огромното мнозинство се полнолетни лица.
Францускиот министер за правда додаде дека во групата има и имигранти кои поседуваат француско државјанство, како и странски државјани, пренесе „Бета“.












