Премиерот Христијан Мицкоски почна со пролонгирањата на роковите за објавување на новите министерски имиња кои треба да ги пополнат упразнетите ресори, а во коалицијата Вреди прекуноќ почнаа да се менуваат имињата на кандидатите. Откако вчера најави дека денеска ќе бидат дефинирани имињата на на оние кои првенствено треба да ги пополнат вицепремиерскиот и ресорот за животна средина, Мицкоски денеска соопшти дека тоа може да се очекува дури в понеделник.
-Оваа недела ќе се знаат имињата на министрите од Вреди. Очекувам имињата дека ќе ги доставам веќе во понеделник, откако ќе бидат искристализирани – најави Мицкоски. Тој рече дека она што е сигурно е дека коалицијата Вреди ќе ги задржи досегашните ресори.
-Тука нема да има дополнителни промени, нема да има дополнителни сектори. Тоа е договорено во редовите на нашата коалиција. Коалицијата Вреди нема да има нови ресори и нема да има плус еден човек туку новата личност која ќе дојде на местото на Изет Меџити ќе биде вицепремиер и министер за нешто – објасни Мицкоски.
На прашањето дали во редовите на коалицијата Вреди има несогласувања околу конкретните имиња премиерот одговори дека „нема таков впечаток и прашањето треба да и се упати на коалицијата Вреди“.
Во меѓувреме, внатрешните договарања во Вреди околу имињата на новите кандидати за вицепремиер и за министри стануваат се посложени. По последната рунда на лидерски преговори се појавија нови имиња и комбинаторики за ресорите кои тие би ги презеле. Така, според неофицијалните информации од Вреди, договор предвидува Беким Сали да ја обавува функцијата прв вицепремиер и министер за евроинтеграции, Мухамед Хоџа да го преземе ресорот за животна средина, додека Башким Бакиу да биде нов министер за здравство. Бакиу, познато е, беше кандидат за скопски градоначалник од коалицијата Вреди, а сега е директор на Општи и заеднички служби на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Ова ќе значи дека своите ресори ќе треба да ги напуштат актуелниот министер за евроинтеграции Орхан Муртезани и министерот за здравство Азир Алиу. Според планот, Муртезани компензација би ја добил како амбасадор во Брисел, додека Азир Алиу би добил надлежност како директор на Агенцијата за електронски комуникации. Сега останува дилема дали со ваквата комбинација ќе се согласи и премиерот Мицкоски, под услов да нема нови кадровски комбинаторики.
Ваква кадровска вртелешка е поинаква од оваа која беше актуелна во текот на изминативе денови. До вчера, комбинациите беа Беким Сали да биде прв вицепремиер за добро владеење, а вицепремиерот Арбен Фетаи да биде министер за европски прашања на местото на Орхан Муртезани. Муртезани пак, според таа комбинација требаше да стане заменик министер за одбрана, место испразнето откако Арбен Таравари и дел од Алијанса за Албанците излезе од Владата. Поранешниот портпарол на владата на Димитар Ковачевски, Мухамед Хоџа, уште од почеток на разговорите беше во игра за нов министер за животна средина, заедно со Недим Рама од кабинетот на Меџити.
Врзано со дополнителните избори на 11 јануари во четири македонски општини Мицкоски рече дека може да се очекува соработка на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата Вреди.
-Се уште не се разговарало за тоа во рамките на коалицијата. Ние на 6 декември имаме конгрес и сега сме фокусирани на него. Но, тоа што знам е дека се подготвуваме за тие избори. Еве гледаме дека формалниот дел е започнат. Изминатиов викенд имав состанок со правната комисија на партијата и се подготвуваат неопходни правни документи согласно на законот. Така да ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе настапат на тие избори, а во која форма дополнително ќе одлучиме – објасни тој. (Б.Ѓ.)
Предвремени избори во година во која државата треба да врати долг од 2,2 милијарди евра?
На новинарското прашање дали следната година може да се очекуваат предвремени парламентарни избори премиерот Христијан Мицкоски рече дека „шансите за таков нешто се мали“.
-Дали ќе има избори следната година? Јас кажав дека следната 2026 година ќе биде предизвикувачка година. Треба да се обезбедат повеќе од 2,2 милијарди евраза да се вратат долговите од минатото. Доколку ние би формирале техничка влада, таа има лимитирани маневарски можности и ќе биде многу тешко да се размавнеме за да го продолжиме овој тренд кој што го имаме оваа година и во втората половина од минатата, посебно во делот на економијата. Кога би размислувал политички и тесно партиски во наш интерес е напролет да имаме предвремени парламентарни избори. Но, ние сакаме да размислуваме државнички. Во интерес на граѓаните е подобра економија, подобри услови за живот и во рамките на тие можности со кои располагаме се трудиме секој ден тоа да го правиме. Така што некогаш успеваме, некогаш не успеваме. Таков е животот, но во суштина тоа е моментално во нашиот фокус. Во политиката никогаш не вели никогаш, но, шансите за такво нешто се мали – рече премиерот.
Идниот лидер на Вреди ќе се бира со креативно решение меѓу Меџити и Касами
Идниот лидер на коалицијата Вреди ќе се избира меѓу чаирскиот градоначалник и лидер на Демократско движење Изет Меџити и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами кој е лидер на партијата Беса. Меџити за телевизија Телма изјави дека двајцата имаат силни политички позиции во клучните центри каде што живее најголем дел од албанското население.
-Тој е повеќе фактор во Тетово, јас во Скопје. Ова се два главни града каде се концентрирани Албанците и затоа работиме на креативни решенија. Разгледуваме модели од европски партии, особено германскиот модел – изјави Меџити.
Според него, во коалицијата се разгледуваат повеќе можни формули за избор на лидер, при што се земаат предвид искуства од практики во различни европски политички организации.












