ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ РЕШИ ДА ОРГАНИЗИРА МЕЃУПАРТИСКА СРЕДБА: Почна испраќањето на поканите за лидерска средба до парламентарните групи во Собранието

257

Премиерот Христијан Мицкоски реши да закаже меѓупартиска лидерска средба на која би се разговарало за укинувањето на „пржинската влада“ но и за другите прашања.

Од македонската Влада денеска за весникот ВЕЧЕР изјавија дека почнало испраќање на поканите до политичките партии.

-Ве информираме дека поканата за лидерска средба е во процес на испраќање и ќе биде доставена до сите политички партии кои имаат парламентарна група во Собранието – се наведува во одговорот од владината информативна служба.

Премиерот Мицкоски минатата недела изјави дека планот му е средбата да се оддржи на 14-ти јануари во Клубот на пратениците.

Одлуката на премиерот доаѓа и покрај ставот на најголемата опозициска партија СДСМ да не учествува на таквата средба. Лидерот на социјалдемократите Венко Филипче завчера изјави дека „средба со криминалци нема да има“.

-Техничката влада мора да остане затоа што таа е последната линија на одбрана од целосно заробување и злоупотреба на најважното, а тоа е слободната волја на граѓаните за време на изборниот процес. Таа може да се укине само тогаш кога ние би биле зрело општество, а ние тоа сега во овој момент не сме. Не смее да се укине техничката влада, затоа што е тоа само светлина, единствена можност за честни и фер избори. Тие не ја сакаат техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите злоупотреби и во целиот коруптивен систем. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа за оваа власт ќе значи отворање на пандорината кутија – рече Филипче.

Од ДУИ соопштија дека откако официјално ќе ја добијат поканата ќе го кажат својот став за присуството на средбата. Опозициската Левица вчера соопшти дека се залага за укинување на техничката влада, но нејзиното укинување би било прифатливо само доколку е проследено со вистински, а не декларативни демократски реформи и воведување на една изборна единица. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ