На големата сцена на Националната опера и балет, на 25 јуни, со почеток во 20:00 часот, ќе се одржи премиерата на новата балетска продукција „Госпоѓа Бовари“, инспирирана од безвременскиот роман на Густав Флобер. Ова сценско остварување му е посветено на јубилејот 25 години уметничка дејност на примабалерината Марија Кичевска-Шокаровска, која со своите енергија, емоција и посветеност остави длабок белег во историјата на македонскиот балет.
Ова балетско дело, поставено во два чина, ја раскажува драмата на женската душа, копнежот по страста, слободата и трагичниот судир со општествените норми.
Диригент е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизност и современ израз го доловува духот на 19 век, додека музичката подлога е составена од дела на К. Сен-Санс, М. Равел, Ж. Масне, Ф. Менделсон и на Г. Ф. Хендл, сценографијата и костимографијата се на Андреј Злобин и на Гана Ипатиева од Украина, светло-дизајнот е на Милчо Александров, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Особено значајно е што оваа премиера ѝ е посветена на Марија Кичевска-Шокаровска, која со својата уметничка кариера остави неизбришлив печат во историјата на македонскиот балет. Таа ќе ја толкува главната улога на Ема Бовари. Во другите улоги ќе настапат: Франциско Хименез Руиз (Шарл Бовари), Балаж Лочеи (Рудолф Буланже), Дмитро Чеботар (Трговецот Лере) и Ендру Кук (Доктор Оме), заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.