На малата сцена на Театар Комедија, на 3 декември во 20:00 часот, премиерно ќе биде изведена театарската претстава „Анна“ според истоимениот драмски текст на Драгана Лукан- Николоски, во режија на Нина Николиќ.

Станува збор за праизведба на текстот што е дел од проектот „Трилогија за љубовта“ на авторката, во кој се содржани уште и драмите „Марта Верина“ и „104“.

Драмата е инспирирана од „Ана Каренина“, но не претставува нејзина драмска адаптација. Претставата отвора низа прашања: дали е навистина променет светот, дали сме навистина променети ние, луѓето, дали денеска, по 150 години, Ана има шанса да победи?

Ана има сè: углед, стабилност, совршено семејство. Но, зад затворените врати се крие една друга вистина: таа е невидлива во својот живот. Кога се среќава со Алексеј, страста ѝ дава илузија за слобода. Но, дали може навистина да се ослободи?

Ова е драма за жената што избира да има избор и да ја плати цената на својата одлука. За бракот во кафез и за бунтот што станува ново ропство. За вечното прашање: што губиме кога се обидуваме да се најдеме?

Во претставата играат: Маја Љутков, Благој Веселинов, Саша Ханџиќ и Маја Зеќо, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимите на Ивана Каранфиловска-Угуровска, а музиката на Оливер Јосифовски.

Претпремиерата е на 2 декември, а првата реприза на 4 декември во 20:00 часот.

Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам и од Гете институтот, а се реализира како копродукција помеѓу Перипетија продукција и Театар Комедија.

ИЗДВОЕНИ