Над 550 учесници се регистрирани за годинашниот самит на „Македонија 2025“, кој ќе се одржи на 12 и 13 мај 2025 година, во Скопје. Главната извршна директорка на организацијата, Никица Мојсоска-Блажевски, вели дека ќе се говори за макроекономската ситуација во Македонија, забрзувањето на економскиот раст на државата, дигитализацијата и за вештачката интелигенција.

– Мора да се размислува за побрз економски напредок на земјата. Сакаме да слушнеме за искуствата во другите земји, какви развојни модели примениле или применуваат за зголемување на економскиот раст, вклучително и преку враќање на инвестициите. Клучна ќе биде улогата на дијаспората во националниот раст – истакна Мојсоска- Блажевски на брифингот со новинарите.

Во таа насока, на панел-дискусиите ќе говорат економски експерти, директори на тинк-тенкови, поранешни и сегашни премиери и министри од земјава и од странство, како и експерти од научната заедница од повеќе држави. „Надвор од политиката: економската визија и лидерското патување на премиерот Христијан Мицкоски“ е насловен првиот панел на кој ќе говори македонскиот премиер.

Ника Гилаури, поранешен премиер на Грузија, е најавен да говори на темата „Економски пресврт преку болни реформи“, а модератор на панелот ќе биде Мајк Зафировски. Тадеуш Кошчински, поранешен министер за финансии, ќе говори на темата „Различни патишта, една дестинација: стратегии за економски раст“. На овој панел е најавен и поранешниот американски амбасадор во земјава, Филип Рикер.

Амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати во земјава, Абдула Али Атик Обеид ал Субуси, ќе се осврне на темата „Трговијата, талентот и иднината на глобалните економски партнерства“ и ќе се осврне на продлабочувањето на економската соработка на ОАЕ со Македонија. Матијас Дауб, основач на „Сосиетек“, и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ќе ги споделат своите мислења на панелот „Дигитални политики и иновации за економија подготвена за иднината“.

Вештачката интелигенција ќе заземе значајно место во дел од панел-дискусиите, а ќе се дискутира и на теми за децентрализацијата на моќта: иднината на парите, медиумите и дигиталната слобода… Во рамките на самитот ќе бидат доделени награди за академска извонредност на Фондацијата „Атанас Близнакоф“.

Се очекува претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да има обраќање на затворањето на самитот „Македонија 2025“.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ