недела, јули 12, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Пратениците со оценка 2,7 – граѓаните гледаат навреди, не дебата

Пратениците со оценка 2,7 – граѓаните гледаат навреди, не дебата

Слаба е довербата во Собранието, јако е чувството дека главниот збор е на Владата

126

Навреди, конфронтации и чувство дека пратениците повеќе работат за партиите отколку за граѓаните, вака јавноста го перципира Собранието, кое доби просечна оценка 2,7 на скалата од 1 до 5 во најновото истражување за перцепцијата на Парламентот.

Истражувањето на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје покажува дека, иако има мало подобрување во однос на претходните години, граѓаните и натаму имаат умерено ниско ниво на доверба и задоволство од работата на Собранието. Перцепцијата кај мнозинството испитаници е дека Владата има многу поголемо влијание врз Парламентот отколку што има Собранието реална контрола врз извршната власт. Граѓаните сметаат дека Собранието носи квалитетни закони и врши надзор врз Владата, но само со умерен успех.

Анализата покажува дека Собранието останува институција кон која граѓаните се прилично критички настроени. Довербата во Парламентот е оценета со 4,8, што е мало подобрување во споредба со минатата година, кога изнесувала 4,6. Сепак, граѓаните имаат многу повисока доверба во верските заедници и во војската, кои и понатаму се на врвот меѓу институциите.

Како најзапаметени теми од работата на Парламентот во 2025 година, испитаниците ги издвојуваат надзорната расправа за трагедијата во Кочани и дебатите за буџетот за 2026 година и за ребалансот на буџетот за 2025 година. Граѓаните најмногу ги паметат токму темите поврзани со одговорноста на власта и државните финансии.

Повеќе од половина од вкупно 1.002. анкетирани сметаат дека Собранието не е доволно отворено за јавноста. Голем дел од граѓаните не знаат кој е нивниот пратеник, ниту некогаш стапиле во контакт со него. Дополнително, доминира впечатокот дека пратениците првенствено ги застапуваат сопствените и партиските интереси, додека интересите на граѓаните остануваат во втор план.

Граѓаните негативно ја оценуваат и атмосферата на собраниските дебати. Според истражувањето, преовладува перцепцијата дека во Парламентот има повеќе конфронтации отколку соработка меѓу власта и опозицијата, а компромисот е редок.

Особено загрижувачки е податокот дека 64 проценти од испитаниците сметаат дека пратениците често или секогаш користат омаловажувачки и деградирачки говор кон политичките противници. Речиси половина од анкетираните сметаат дека таквиот речник се користи често, додека 15 проценти оцениле дека постојано се случува тоа.

Истражувањето покажува и дека кај мнозинството граѓани не постои чувство дека пратениците активно отвораат прашања од нивни интерес. Повеќе од половина од испитаниците изјавиле дека не забележале пратеник да поведе иницијатива поврзана со нивните проблеми или потреби.

Сепак, граѓаните поддржуваат формирање повеќепартиски групи во Собранието, особено за младите, борбата против корупцијата, невработеноста, лицата со попреченост и за самохраните родители. Забележително е и зголеменото внимание кон прашањата за заштита на животната средина. Истовремено, повеќе од половина од анкетираните, 51 процент, сметаат дека државата се движи во погрешна насока, додека само 28 проценти веруваат дека Македонија се движи во вистинската насока.

Истражувањето било спроведено од 27 февруари до 10 март 2026 година, преку теренска анкета со 1.002 испитаници од целата држава. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ