Заврши регуларниот дел од македонската кошаркарска Суперлига, а последното суперлигашко коло се комплетираше листата со екипи што ќе се борат за титулата.
Во плејофот место обезбедија МЗТ Скопје, ТФТ Скопје, Пелистер, Маџари, Кожув и Тиквеш, кој во драматичен финиш успеа да се протне меѓу најдобрите.
Клучен беше триумфот на Тиквеш на домашен терен, токму против ТФТ Скопје, комбиниран со поразот на Куманово кај Работнички во Скопје, што го оттурна тимот од плејоф-трката.
Кумановци дојдоа со јасна цел: победа и место меѓу елитата, но налетаа на мотивираниот Работнички, кој и покрај сите проблеми оваа сезона, продолжува да игра квалитетно кога е најпотребно. Во одлична атмосфера во салата „Градски парк“, со поддршка и од гостинските и од домашните навивачи, Работнички славеше со 76:72 и директно го елиминираше Куманово од понатамошната борба.
Сега вниманието се префрла кон плејофот, каде што се очекуваат жестоки пресметки и борба за шампионскиот трон.











