Пожарот што вчера од косовска страна навлезе на територијата на Македонија денеска се приближи до селото Грачани и претставува закана за населеното место, информира директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Над Грачани во моментов дејствуваат двата „ер-трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување, додека на терен се распоредени и екипи на скопската противпожарна бригада. Воздушната поддршка е насочена кон пресекување на огнената линија над селото, со цел да се спречи ширењето на огнот кон куќите.
„Очекувам огнот да биде пресечен над селото за тоа да не претставува закана за ова убаво село“, изјави Ангелов.
Активни се и два пожара на територијата на Општина Студеничани, кои, според Ангелов, најверојатно повторно се активирале утрово или во текот на ноќта. Засега тие не претставуваат опасност за населените места, а се очекува да бидат ставени под контрола.
Како најтежок пожар во моментов, Ангелов го издвојува пожарот што се шири меѓу општините Струга и Кичево. Во текот на утрото таму дејствувал армиски хеликоптер, кој им помагал на пожарникарите од Струга во справувањето со огнената стихија.
Ангелов очекува денеска да биде прекината огнената линија и пожарот да престане да претставува закана за селата во тој регион.
Тој повторно апелираше до граѓаните на максимална внимателност, бидејќи опасноста од пожари останува исклучително висока сè додека не паднат врнежи.
„Доволно е само една искра за вистинска катастрофа“, предупреди Ангелов.
Според најавите, дожд се очекува во вечерните часови, како и утре попладне и навечер. Вчера во земјава биле регистрирани повеќе од 40 пожари на отворен простор.












