Пожарот што избувна од преспанската страна на Пелистер и се движи кон Националниот парк „Пелистер“ и понатаму е најтежок и најкомплексен за гасење во земјава, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Во гаснењето се вклучени пожарникари од Битола и Ресен, тимови на ДЗС, доброволни пожарникари, механизација, ер-трактори и армиски хеликоптер. Иако хеликоптерот утрово изгаснал неколку критични точки, со затоплувањето повторно се активирале жаришта.
На терен со булдожери е направена и противпожарна пресека над боровите, со цел да се спречи ширењето на огнената линија.
Пожарот сè уште е активен, а од видеото што го имаме од терен се гледа густ чад кој се издигнува над Пелистер, што укажува дека на повеќе места и понатаму има активни жаришта. Ангелов информираше и дека во гаснењето е повреден возач на булдожер, кој при скок од машината ги повредил ребрата. Тој е згрижен во болница и се чувствува добро. Ангелов демантираше дека се повредени пожарникари.












