Пожарот што избувна во четврток во селото Миерла, околу сто километри северно од Мадрид, не слабее, досега уништи 26.000 хектари и доведе до евакуација на 1.200 луѓе, објави денес службата за гаснење пожари и превенција (Infocam) на мрежата „Икс“.
Голема област од централната автономна заедница Кастиља-Ла Манча, од која е дел и Гвадалахара, е изгорена, а во последните часови пожарот се прошири, особено во природниот парк Сиера Норте, загрижувајќи ги властите пред нов топлотен бран.
Ова е веќе „најголемиот пожар во однос на површината што го видела Кастиља-Ла Манча“, рече претседателот на регионот, Емилијано Гарсија-Пахе, и предвиде дека пожарот ќе продолжи да се шири и денес.
Периметарот на пожарот се протега во должина од 120 километри, откако напредуваше околу 10 километри во текот на ноќта во неделата, а метеоролошките прогнози покажуваат дека ситуацијата ќе стане покомплицирана денес попладне, поради што тимовите на терен се „реорганизираат и засилуваат“ за да се соочат со пожарот, рече тој, според шпанскиот „Ел Паис“ на својата веб-страница.
Гарсија-Пахе рече дека најважно е да се заштитат човечките животи, нагласувајќи дека ќе се борат против пожарот.
„Ќе се бориме против пожарот, нека им биде јасно на луѓето за тоа, но приоритет, откако човечките животи ќе бидат безбедни, секако, е да се заштитат урбаните центри“, рече тој, додавајќи дека има речиси 30 населби „опкружени со пожар“, поради што ја истакна сложеноста на одбраната на домовите.
Министерката за одржлив развој Мерцедес Гомес предупреди дека временските услови ќе го „комплицираат управувањето“ со пожарот од пладне, но дека сите тимови на терен се засилуваат и реорганизираат за да ја зајакнат својата улога и да овозможат директен напад врз пламенот во областите каде што е можно.
Поголемиот дел од подрачјето погодено од пожарот е во рамките на природниот парк Сиера Норте де Гвадалахара, област со висока еколошка вредност која живее од шумарство, сточарство и туризам и веќе ги чувствува последиците од пожарот врз својата економија, со бран откажувања на сместувања претходно резервирани за затемнувањето на сонцето во август, пренесе „Бета“.












