вторник, јули 21, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Досега се регистрирани 3.100 случаи на затруени лица во Гостивар, се очекува...

Досега се регистрирани 3.100 случаи на затруени лица во Гостивар, се очекува согласност од ЈО за презентирање на резултатите од завршените анализи

16

Три лица се приведени откако околу 3.100 лица изминативе денови побарале медицинска помош поради симптоми на труење во Гостивар. Анализите на примероците од вода земени од четири мерни локации во Гостиварско се завршени и доставени до Јавното обвинителство, резултатите уште не се јавно објавени.

Полицијата приведе три лица поврзани со работењето на градскиот водовод.

Иако лабораториските анализи на примероците земени од четири локации во водоводната мрежа се завршени, нивната содржина засега не се објавува.

Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека резултатите ќе бидат презентирани дури откако Јавното обвинителство ќе даде согласност, за да не се попречува предистражната постапка.

Од Обвинителството информираат дека сите досега прибрани докази, како и оние што дополнително ќе пристигнат, се анализираат со цел да се утврди дали е сторено кривично дело, како и евентуалната одговорност на инволвираните лица. Оттаму посочуваат дека постапката сè уште е во фаза на предистрага.

Во меѓувреме остануваат во сила сите препораки и забрани за користење на водата од градскиот водовод. Надлежните повторуваат дека водата не смее да се користи ниту за пиење, ниту за подготовка на храна, хигиена или други технички потреби, сè до добивање нови насоки.

Според Клековски, досегашните сознанија упатуваат дека најверојатен извор на проблемот е водата, бидејќи заболени има од различни возрасни групи – од едногодишни деца до лица на 80-годишна возраст – а симптомите се појавувале во различни периоди, што ја прави храната малку веројатна причина.

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, информираше дека примероците биле земени веднаш по барањето на Обвинителството и дека сите анализи се завршени. Таа нагласи дека нивното објавување ќе зависи исклучиво од одлуката на обвинителството.

Во болниците моментално се хоспитализирани четири лица – тројца возрасни и едно дете. Кај пациентите најчесто се регистрирани стомачни тегоби и дехидрација, а поретко покачена температура и треска. Министерството за здравство наведува дека нема промени во нивната здравствена состојба и дека сите се под постојан медицински надзор.

Во меѓувреме, Општина Гостивар го активираше Кризниот штаб, кој ќе ги координира активностите за поддршка на населението. Најавено е отворање телефонска линија преку која граѓаните што не можат сами да обезбедат вода за пиење ќе можат да побараат достава до своите домови.

Градоначалникот Ваљбон Лимани потврди дека директорката на ЈП „Комуналец“ и дел од раководниот кадар задолжен за водоводот се суспендирани до завршување на истрагата. Тој порача дека по добивањето на резултатите од анализите ќе започнат активности за прочистување и дезинфекција на водоводната мрежа.

Надлежните институции апелираат граѓаните и понатаму строго да ги почитуваат препораките и да не ја користат водата од градскиот водовод сè додека официјално не биде потврдено дека е безбедна за употреба.

За надминување на состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, каде што е прогласена локална епидемија, Владата од денеска обезбедува по 50.000 литри вода за пиење дневно за населението.

ИЗДВОЕНИ