петок, јануари 16, 2026
Дома СВЕТ Повеќе од 100 жртви настрадаа во поплавите во јужна Африка – властите...

Повеќе од 100 жртви настрадаа во поплавите во јужна Африка – властите предупредуваат на уште потешки временски услови

21
Фото: EPA/GCIS / HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Повеќе од 100 луѓе загинаа поради обилни дождови и поплави во Јужна Африка, Мозамбик и Зимбабве, а властите денес предупредија дека се очекуваат уште потешки временски услови во неколку јужноафрикански земји, пренесе „Бета“.

Јужна Африка пријави најмалку 19 смртни случаи на северот од земјата, откако обилните дождови, кои започнаа минатиот месец, доведоа до големи поплави.

Властите во соседниот Мозамбик соопштија дека 103 лица загинале за време на невообичаено обилната сезона на дождови. Причините за смртта на овие луѓе варираат – удари од гром, давење во поплави, колапс на инфраструктурата поради бури и колера.

Најлошите поплави во Мозамбик се случија во централните и јужните региони, каде што се погодени повеќе од 200.000 луѓе, илјадници домови се оштетени, а десетици илјади се подготвуваат за евакуација, соопшти Светската програма за храна.

Во Зимбабве, властите соопштија дека 70 лица загинале, повеќе од 1.000 домови биле уништени во обилните дождови од почетокот на годината, а инфраструктурата, вклучувајќи училишта, патишта и мостови, се урнала.

Поплави ја погодија и островската држава Мадагаскар, каде што 11 лица загинаа во поплави од крајот на ноември, како и Малави и Замбија.

Системот за рано предупредување од глад на САД соопшти дека поплави се пријавени или се очекуваат во најмалку седум јужноафрикански земји, веројатно поради присуството на временскиот феномен Ла Ниња, кој може да донесе обилни дождови во делови од југоисточна Африка.

ИЗДВОЕНИ