Францускиот парламент ратификуваше клучен амандман со кој официјално се воведува согласноста во законската дефиниција за силување и сексуален напад. Оваа историска промена, поттикната од шокантниот случај на Жизел Пелико, претставува пресвртница во борбата на Франција против сексуалното насилство, пишува „Би-би-си“.
Досега, законот во Франција го дефинираше силувањето како „секаков вид на сексуална пенетрација извршена со употреба на насилство, принуда, закана или изненадување“. По усвојувањето на амандманот, законот сега јасно ќе предвидува дека секој сексуален чин извршен без согласност на друго лице претставува силување.
Се прецизира дека согласноста мора да биде „слободна и информирана, специфична, претходна и отповиклива“. Новиот закон, исто така, нагласува дека согласноста мора да се процени според околностите и не може да се претпостави врз основа на „молчење или недостаток на реакција“. „Нема согласност ако сексуалниот чин е извршен со сила, принуда, закана или изненадување, без оглед на нивната природа“, се наведува во законот.
Потребата за итни измени во законот стана очигледна по минатогодишното судење на Жизел Пелико. Нејзиниот сопруг Доминик ја дрогирал со децении и поканил други мажи да ја силуваат додека таа била во несвест. На тој судски процес, 50 мажи беа прогласени за виновни.
Одбраната на многу од обвинетите се темелеше на аргументот дека тие не можат да бидат виновни за силување бидејќи не знаеле дека г-ѓа Пелико не е способна да даде согласност. Затоа, некои адвокати тврдеа дека не може да има кривично дело без намера да се изврши – аргумент што новиот закон значително ќе го ослаби.
Патот до усвојување не беше лесен. Некои критичари тврдеа дека промената ќе ги претвори сексуалните односи во „договори“, додека други изразија загриженост дека товарот на докажување на недостаток на согласност може да се префрли на жртвите.
Сепак, највисокиот административен суд во Франција, Државниот совет, го потврди амандманот во март, велејќи дека тој „ќе стави до знаење… дека сексуалниот напад го крши фундаменталниот принцип на лична и сексуална слобода на секого“.
„Ова е историски чекор напред, по стапките на неколку други европски земји“, изјави Лола Шулман од Амнести Интернешнл Франција. Тоа би ја довело Франција во линија со земји како Шведска, Германија и Шпанија, кои веќе имаат закони за силување врз основа на согласност.












