Петта година по ред, Европски универзитет – Скопје доделува три стипендии „Проф. д-р Бојо Андрески“ на здравствени работници за студирање на втор циклус постдипломски студии на Факултетот за економски науки – на студиската програма „Здравствен и фармацевтски менаџмент“, за академската 2025/2026 година. По случаен избор, односно со извлекување, Фадил Цана од Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби ја доби целосната стипендија во висина од 100 % ослободување од обврската за уплата на школарината, додека делумна стипендија, односно 70 % ослободување од обврската за уплата на школарината, доби Ирена Крајческа, вработена во Здравствениот дом во Македонски Брод. Третата делумна стипендија, односно 50 % ослободување од обврската за уплата на школарината, ја доби Марија Марковски од Градската општа болница „8 Септември“. Управниот одбор одлучи сите други што аплицирале на конкурсот за доделување на стипендиите, да добијат ослободување од 30 % од обврската за уплата на школарината

 

Петта година по ред, Европски универзитет – Скопје доделува три стипендии „Проф. д-р Бојо Андрески“ на здравствени работници за студирање на втор циклус постдипломски студии на Факултетот за економски науки – на студиската програма „Здравствен и фармацевтски менаџмент“, за академската 2025/2026 година.

По случаен избор, односно со извлекување, Фадил Цана од Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби ја доби целосната стипендија во висина од 100 % ослободување од обврската за уплата на школарината, додека делумна стипендија, односно 70 % ослободување од обврската за уплата на школарината, доби Ирена Крајческа, вработена во Здравствениот дом во Македонски Брод. Третата делумна стипендија, односно 50 % ослободување од обврската за уплата на школарината, ја доби Марија Марковски од Градската општа болница „8 Септември“. Управниот одбор одлучи сите други што аплицирале на конкурсот за доделување на стипендиите, да добијат ослободување од 30 % од обврската за уплата на школарината.

Стипендистите, по завршувањето на студиите, ќе се стекнат со 60 ЕКТС-кредити и со звањето магистер по економски науки во областа на здравствениот и фармацевтскиот менаџмент.

Доделувањето на стипендиите се одвиваше преку платформата „Зум“, во чест и сеќавање на прерано починатиот основач на најстариот приватен универзитет во државава, проф. д-р. Бојо Андрески, а во функција на остварување придонес кон заедницата и оддавање признание за посветеноста и трудот на здравствените работници за заштита и унапредување на здравјето.

 – Главната девиза, мото на првиот приватен универзитет – Европски универзитет – Скопје е „Едно семејство – една визија“, мото што и самиот основач, проф. д-р Бојо Андрески, го градеше во изминатите повеќе од 20 години. Ова е само дополнителен предизвик за сите нас да ја продолжиме неговата визија. Неговите дела и визија нè прават само посилни да продолжиме онаму каде што застана тој – велат од Европски универзитет – Скопје.

Оттаму додаваат дека идејата, но и реализацијата на проф. д-р Бојо Андрески во делот на здравството е голема, особено со еден од најреномираните стоматолошки клинички центри во регионот, кој функционира во рамките на Европски универзитет – Скопје повеќе од една деценија.

На здравствените работници, со овие стипендии, им се овозможува квалитетно образование и надградување на кариерен план.

Право на аплицирање имаа сите здравствени работници државјани на Македонија со завршено високо образование и со минимум 240 ЕКТС-кредити и со просечна оценка од студиите најмалку 8,00.

Професор д-р Бојо Андрески (1959-2020) беше лидер во приватното високо образование во Македонија. Сиот свој живот беше човек кој имаше широки интереси и сакаше да учествува во заедницата со свој придонес. Не се штедеше себеси да овозможи светски услови за студирање на својот Европски универзитет, знаеше да подаде рака и да додели стипендии, поттикнувајќи ги најдобрите студенти. Секогаш ќе остане запаметен по својот претприемачки дух, цврстиот карактер, својата визија што, не штедејќи се, ја спроведуваше и по својата грижа за сите околу себе.

(А. П.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ