Еден од легендарните тенисери, Џими Конорс, нагласи дека е потребен наследник на Новак Ѓоковиќ. Тој вели дека ситуацијата на врвот од светот е алармантна.
- Интересно е колку се разликуваат двајцата од другите. Карлос Алкараз и Јаник Синер отскокнаа толку далеку што ако не се појави некој нов, ќе ги гледаме истите финалиња одново и одново со години. Алкараз – Синер, Алкараз – Синер, Алкараз – Синер. Практично како што беше на последните осум турнири – изјави Конорс за „Спортскида“.
Во последните три финалиња на гренд слем турнирите играа Алкараз и Синер.
- Младите момци ќе мора да го подигнат своето ниво, и го кажувам тоа со најголема почит. Во спротивно, ќе го гледаме истото одново и одново – додаде Конорс.
Тој се присети на ситуацијата кога се појави Ѓоковиќ на тениската сцена.
- Тогаш доминираа Роже Федерер и Рафаел Надал и одеднаш прво се појави Новак Ѓоковиќ, а потоа и Енди Мареј. Потоа ситуацијата стана многу повозбудлива. Истото важи и сега, Алкараз и Синер имаат потреба од некој друг. Ѓоковиќ е сè уште таму, исто како во времето на Федерер и Надал, но им треба некој помлад. Зверев и Циципас, на пример, мора да побрзаат. Времето истекува за нив. Тие ја имаа големата тројка напред, сега ги имаат Алкараз и Синер зад себе и нивната врата за освојување гренд слем брзо се затвора – посочи Конорс.