За претстојната летна сезона на Јадранското Море се потребни околу 95.000 работници, а најбарани се келнерите и готвачите.
Според процените во Хрватска, ќе бидат потребни околу 70.000 сезонски работници во туризмот и угостителството, што е за околу 5.000 повеќе од минатата година. Слична ситуација се очекува и во Црна Гора, каде што локалната Стопанска комора проценува дека ќе бидат потребни околу 25.000 сезонски работници за претстојната сезона, а најмалку 5.000 работници во туризмот и угостителството само во Будва.
Порталот „Инфостуд џобс“ процени дека ваквиот вид побарувачка отвора значајни можности и за работниците од Србија, а тоа го потврдуваат податоците од веб-страницата на „Инфостуд“, каде што работодавците од регионот веќе активно бараат персонал за претстојната сезона.
Најголемиот број работни места, традиционално, се во угостителскиот сектор, каде што работодавците најчесто бараат келнери, готвачи, помошници готвачи, кујнски помошници, како и хигиеничарки. Дополнително, бараат аниматори, рецепционери и работници за одржување, кои се неопходни за функционирањето на хотелите и на туристичките комплекси.
Во однос на платите, келнерите може да очекуваат месечни плати од околу 1.200 до 1.600 евра, додека шанкерите заработуваат помеѓу 1.400 и 1.600 евра. Рецепционерите може да сметаат на околу 1.300 до 1.500 евра, додека работниците за одржување и мајсторите обично заработуваат меѓу 1.100 и 1.300 евра. Продавачите се, исто така, барани во туристичките области и нивните плати може да достигнат од 1.600 до 1.800 евра.
Во кујната сè уште најбарани се готвачите, кои може да заработат до 3.000 евра месечно. Скара-мајсторите може да очекуваат заработка помеѓу 1.400 и 1.900 евра, а и пица-мајсторите се, исто така, многу барани, со плати помеѓу 1.900 и 2.500 евра. Помошниците готвачи заработуваат помеѓу 1.400 и 1.800 евра, а помошниците кујнски работници од 900 до 1.400 евра.
Се додава дека сезонските работни места во туризмот често вклучуваат дополнителни бенефиции како обезбедени сместување и храна, што значително ги намалува трошоците во текот на нивниот престој на море.
Податоците на „Инфостуд“, исто така, покажуваат дека најголем број апликации се евидентирани за позициите рецепционери, чистачки и кујнски помошници, додека бројот на кандидати за поквалификувани позиции како што се готвачи, слаткари, скара-мајстори и пица-мајстори е помал.
Овој тренд дополнително го потврдува долгорочниот недостиг на професионална работна сила во туризмот и угостителството, кој е присутен во целиот регион, се наведува во соопштението.












