Цените на дизелот во Европа достигнаа највисоко ниво од 2022 година, а фјучерсите на дизелот пораснаа на повеќе од 200 долари за барел, односно 1,498 долари за тон, со дневен скок од речиси десет отсто на лондонската берза.
Како што објаснува „Блумберг“, скоковите на цените се должат на прекините во снабдувањето предизвикани од војната во Иран и затворањето на Хормускиот Проток, а од почетокот на војната на 28 февруари, цените речиси се дуплираа.
Затворањето на Хормускиот Проток го наруши транспортот на милиони барели рафинирани производи, вклучително и дизел, додека цените на суровата нафта во Лондон се зголемија за околу 50 проценти.
Некои рафинерии го намалија производството, а трговците во светот се обидуваат да најдат алтернативни резерви, честопати пренасочувајќи ги товарите кон маршрути подолги од 12.000 милји.
Дизелот, клучно гориво за транспортот и индустријата, игра централна улога во глобалната економија, а зголемувањето на неговата цена го зголемува ризикот од инфлација.
Европа, која произведува помалку дизел отколку што троши, се потпира на увозот, а аналитичарите предупредуваат дека регионот би можел да се соочи со недостиг во наредните недели доколку не се стабилизира ситуацијата.
Цените растат и во други делови од светот – во Соединетите Американски Држави дизелот надмина 4 долари за галон, додека во Азија привремено ја надмина границата од 200 долари за барел. Глобалните пазари беа дополнително потресени откако американскиот претседател, Доналд Трамп, објави продолжување на воената кампања против Иран, што ја зголеми неизвесноста во енергетскиот сектор.
Европските земји се обидуваат да ги ублажат последиците од енергетската криза со зголемување на употребата на обновливи извори на енергија како што се сончевата и ветерната енергија, со цел да се намали зависноста од фосилни горива.
Во исто време, прекините во синџирите на снабдување ги охрабруваат земјите да ги преиспитаат стратегиите за енергетска безбедност, додека дипломатските напори за решавање на кризата и за повторно отворање на Хормутскиот Проток досега не дадоа конкретни резултати, пренесува „Танјуг“.












