Во Националната опера и балет, на 18 и 19 април, по 23. пат ќе се одржи детскиот фестивал „Поточиња“. Омилените „Поточиња“, заедно со незаменливиот водител Поки (актерот Мартин Јорданоски), подготвија нова фестивалска приказна и со нови 17 детски песни ќе се погрижат децата да се забавуваат, да танцуваат и да пеат.

– „Поточиња 2026“ е 23. издание на фестивалот. За 18 и 19 април, во Операта и балет, се закажани вкупно седум претстави, и тоа утре во 11:00, 13:00 и 19:00 часот и в недела во 11:00, 13:00, 17:00 и 19:00 часот. Она што би сакал да го додадам е дека имаме 17 нови детски песни на фестивалот. Подготвуваме сосем поинаква приказна од претходните години, бидејќи сега сме во сосем поинаков амбиент. Сцената е театарска и дозволува повеќе техника, ЛЕД-екрани и сценографија, така што ќе се потрудиме да го направиме амбиентот на сцената што е можно помагичен и повозбудлив за децата. Водител на фестивалот е маскотата Поки, односно актерот Мартин Јорданоски кој е зад маскотата. За оваа година тој има подготвено и магионичарски трикови и многу интересни изненадувања што ќе им ги приреди на децата. Целта е, освен да уживаат во песните, да може да бидат дел и од едно интерактивно фестивалско шоу и самите да учествуваат како дел од неговите магионичарски трикови. Со тоа планираме да ја збогатиме целата приказна и да го донесеме амбиентот на едно повисоко ниво годинава – вели Оливер Пап, извршен продуцент на „Поточиња“.

Тој додаде дека е голем интересот на публиката за фестивалот и дека веќе се распродадени претставите.

– Би го искористил ова и како можност да споменам дека оваа година Македонската филхармонија не ни дозволи да го организираме фестивалот во нивниот објект, кој има повеќе седишта. За жал, тоа е проблем поради кој повеќе дечиња не можат да го посетат фестивалот, а, нормално, и за нас, како организатори, е подобро да бидеме во поголем објект. Меѓутоа, изразуваме благодарност до Македонската опера и балет, која во експресен рок ни обезбеди термин и фестивалот ќе се одржи овој викенд, таму – додаде Пап.

По успешното издание на „Поточиња 2025“ и големиот број гостувања на детски манифестации во Скопје, во Македонија и гостувањето на хуманитарен концерт во Германија, „Поточиња 2026“ треба да биде продолжение на успешната приказна, која со својот квалитет ги плени срцата на најмалите љубители на музиката.

 

ИЗДВОЕНИ