– За да биде применлив еден колективен договор, мора да има позитивно мислење од Министерството за финансии. Колективен договор во културата нема – кажа премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање поттикнато од завчерашните протести на Синдикатот на културните работници пред ресорното Министерство.

На овој протест, синдикалците изразија незадоволство од одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за укинување на Колективниот договор за култура, со што, според синдикалците, се прекршува договореното во начинот на пресметка на платите.

– Јас навистина не можам да разберам како е возможно одделни структури во општеството да ја гледаат состојбата како шведска маса, ова ми се допаѓа, а ова не ми се допаѓа. Тоа што ми се допаѓа – ќе го премолчам, тоа што не се допаѓа – ќе го критикувам. Или ќе важи за сите истото правило или нема да важи. Замислете што ќе се случи ако сите институции почнат да потпишуваат колективни договори без позитивно мислење од Министерството за финансии дека се обезбедени средства – истакна Мицкоски.

Тој додаде дека на владината седница кога поминал тој колективен договор, поминал без позитивна согласност од Министерството за финансии.

– Треба да знаат јавноста и културните работници дека се манипулирани од мала група гласни луѓе, кои се во првите редови. Средства во буџетот за овој колективен договор нема… Јас не сум правник, но има Уставен суд и тој е конечна инстанца. Неговите одлуки не се коментираат, се применуваат – посочи Мицкоски. Тој, исто така, спомена дека никој не го крати буџетот, но тој треба да оди во програми, во филмови, во театарски претстави, да се реновираат културните институции…

– Зошто да не зборуваме дека имаме вработени во одредени театри што не играат претстава цела година? Ајде да зборуваме за тоа. Треба да доведеме некои работи во ред ако сакаме да имаме држава – додаде премиерот.

Инаку, Синдикатот за култура на Македонија (СКРМ), со транспаренти на кои, меѓу другото, пишуваше „Колективниот договор назад, веднаш“ и „Културата не се поништува“, вчера одржа протест пред Министерството за култура и туризам, од каде што порачаа дека не бараат нови права, туку почитување на веќе постигнатите договори.

ИЗДВОЕНИ