Постигнат договор: Измените во Законот за прекршоци најверојатно ќе се изгласаат утре за „Сејф сити“ да стартува од 1 февруари  

264

Најверојатно утре ќе се свика собраниска седница на која ќе се усвојат предложените измени во Законот за прекршоците за  системот „Сејф сити“ да може да стартува од 1 февруари. Ова е резултат на денеска постигнатиот договор меѓу координаторите на пратеничките групи во Собранието откако вакво нешто беше најавено и по вчерашната лидерска средба што ја свикал премиерот Христијан Мицкоски. Во изјавата по средбата премиерот Мицкоски, но и лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера најавија надминување на досегашните проблеми со усвојувањето на измените за кои треба двотретинско парламентарно мнозинство.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во изјавата за весникот ВЕЧЕР денеска ни рече дека оддржале состанок со координаторите на која присуствувал и претставникот на МВР и по што се разјаснети сите забелешки.

-Најважните работи се разјаснети и договорено е пратениците на коалицијата предводена од ДУИ да ја дадат поддршката на измените во Законот за прекршоците. За овој договор ќе го информираме претседателот на Собранието Африм Гаши со цел веќе утре да се свика седницата на која ќе се изгласаат промените. Ова со цел да системот „Сејф сити“ може да стартува од 1 февруари – ни рече Мицевски.

Тој објасни дека измените во Законот се во финална фаза кога останува смао да се гласаат. Односно, дека не е можно да се поднесуваат амандамните и да се прават други промени.

-Но, откако ќе бидат усвоени законските промени ДУИ ќе ја следи имплемнетација на законот и подоцна може пак да се иницираат промени во него – наведува Мицевски.

Измените во Законот се најмногу потребни за да полицијата на возачите кои направиле прекршок може електронски да им испраќа соодветен формулар – записник. Но, и сообраќани полицајци на теренот да можат да го користат таквиот формулар. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ