Зголемувањето на цената на струјата за малите потрошувачи, односно за компаниите што се на регулиран пазар, ќе предизвика зголемување на трошоците на производството, но крајните цени нема многу да се променат. Од бизнис-секторот велат дека поскапата струја ќе влијае на зголемување на цените на производите во секторите кои користат повеќе струја во производството. Генерално, од компаниите сметаат дека цената на струјата нема да има големо влијание врз цената на чинење бидејќи има пад на цените на суровините и на нафтените деривати кои ќе го компензираат порастот на трошоците поради зголемување на струјата.
Претседателот на Комората на Северозападна Македонија, Нухи Алиу, за весникот ВЕЧЕР изјави дека зголемената цена на струјата најмногу ќе влијае на цените на пекарските производи, зашто на нив главен трошок им е струјата.
– И покрај тоа што зголемувањето на цената на струјата не е големо, може минимално да влијае врз цените на крајните производи на оние компании на кои главен трошок во производството им е струјата, а тоа се пекарниците. Тоа значи дека може да влијае само кај цената на лебот, но не и кај другите основни прехранбени производи. Не очекувам дека оваа корекција на цената на струјата ќе предизвика поголемо влијание на цените на чинење на производите, односно на инфлацијата, зашто цените се стабилизираа и очекувам овој тренд да продолжи, изјави Алиу.
Според него, намалените цени на нафтените деривати кои се користат во производството на некои компании ќе влијаат на компензирање на трошокот за струја.
Горан Малишиќ, претседател на Здружението на мелничко- пекарската индустрија, вели дека цената на струјата може да влијае минимално, но поголем трошок е цената на работната рака, која е дефицитарна во пекарската индустрија.
– Поголем дел од компаниите се на слободен пазар и имаат фиксни договори со енергетските компании, така што цената на струјата им се менува по часови во текот на денот. Цената на струјата ќе влијае минимално на крајната цена на производите, но поголем проблем е работната рака, која ја нема. Просечната старост на пекарите е над 55 години и нема нова работна сила. Младите не сакаат да работат во пекарството, па поради тоа, за да се привлече нова работна сила и за да се зголеми производството, мора да се зголемат платите, изјави Малишиќ за весникот ВЕЧЕР.
Тој додава дека е добро што суровините се стабилни и кај нас и во опкружувањето, поради тоа не се очекува некои драстични промени во цените на лебот. Сепак, зголемувањето на цените на некои видови леб, според Малишиќ, зависи од индивидуалната политика на компанијата.
Гоце Трајчев, поранешен директор на МИК Свети Николе, смета дека цените нема да се зголемат поради падот на цените на суровините.
– Цената на суровината – на замрзнатото месо, во изминатите два месеца се намали. Поради тоа сметам дека зголемувањето на цената на струјата нема значително да влијае на цената на чинење на производите. Со други зборови, трошокот што ќе се зголеми поради струјата ќе се компензира поради суровините, изјави Трајчев.
И Александар Трпевски, од месната индустрија „Карнем“ смета дека зголемувањето на цената на струјата ќе има директно влијание на зголемување на цените на производите на малите компании, а индиректно и на големите компании.
Сопственикот на компанијата „Везе Шари“, Арбен Абдурахмани, смета дека поскапата струја ќе влијае на трошоците на компаниите, односно ќе ги зголеми цените на нивните производи, но тоа нема да биде веднаш, туку по одредено време.
(А. С.)












