EPA/MIGUEL A. LOPES

Јавноста во Португалија е во шок откако 15 лица загинаа, а најмалку 18 беа повредени кога популарната туристичка атракција во Лисабон, жичницата Глорија, излета од шините и удри во зграда. Петмина од повредените се во „исклучително сериозна состојба“, соопшти португалското Министерство за здравство.

Меѓу загинатите во несреќата во португалската престолнина има странски државјани, но властите сè уште не го потврдија идентитетот на жртвите. Несреќата се случила околу 18:05 часот по локално време.

Градоначалникот на Лисабон, Карлос Моедас, ги посети повредените во болница во средата вечерта и ја нарече трагедијата „момент на голема тага за градот“.

Португалската влада прогласи ден на жалост по поод трагедијата со жичницата.

Португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуза изрази „најдлабоко сочувство и солидарност со семејствата на жртвите“. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, им упати сочувство на семејствата на жртвите, додека премиерот на соседна Шпанија, Педро Санчез, рече дека е „шокиран од оваа ужасна несреќа“.

Полицијата и другите власти поминаа часови на местото на несреќата. Официјална истрага започнаа и од Националната агенција за безбедност во сообраќајот, полицијата и компанијата што управуваше со жичницата во Лисабон.

Директорот на „Карис“, која е одговорна за јавниот превоз во португалската престолнина, го посети местото на несреќата доцна навечер, а компанијата во соопштението наведува дека жичницата била редовно одржувана, вклучувајќи големи и мали технички сервиси на секои четири и две години, како и редовни месечни, неделни и дневни инспекции.

Од друга страна, сведоците на несреќата тврдат дека откажал системот за сопирање на жичницата, поради што возилото се лизнало по стрмната улица и удрило во зградата.

Сè уште не е јасно колку точно лица биле во возилото во времето на несреќата, која се случила во близина на Авенида де ла Либердаде, една од централните улици во градот. Познато е дека жичницата вообичаено превезувала повеќе од 40 лица.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Lisbonscape (@lisbonscape)

На социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледа превртената жолта жичница, речиси целосно уништена, додека луѓето бегаат на блиските улици, а чад се крева над зградите.

Сведок на несреќата за португалските медиуми изјави дека „жичницата била целосно надвор од контрола, како сопирачките воопшто да не работеле“.

„Сите во близина почнаа да трчаат затоа што мислевме дека со таа брзина возилото ќе удри во друга жичница подолу. Но, жичницата излета од шините на кривина и директно удри во зградата“, рече истиот очевидец.

Друг сведок рече дека „жичницата се движела со полна брзина по стрмната улица“ пред „да удри во зградата и да се распадне како картонска кутија“.

Властите во Лисабон, од друга страна, велат дека е прерано да се извлечат заклучоци за причината за несреќата. Сепак, порталот „Обсервадор“ објави дека за време на возењето, јажето што ја влечело жичницата се олабавило, што довело до губење на контролата врз возилото и удар во блиската зграда.

Жичницата е вид на железница која се движи по стрмен терен со помош на јаже и е една од најпопуларните туристички обележја во португалската престолнина. Линијата „Глорија“ е пуштена во употреба во 1885 година и го поврзува плоштадот „Рестаурадореш“ во срцето на Лисабон со областа „Барио Алто“, позната по ноќните клубови и кафулиња, лоцирана на еден од ридовите на Лисабон.

 

ИЗДВОЕНИ