Во јавноста се крена многу прашина откако поранешната обвинителка на СЈО Лејла Кадриу излезе со шокантни откритија и обвинувања функционирањето на ова обвинителство.
Според Кадриу таа го напуштила тимот по само три месеци од нејзиниот ангажан откако тогашната главна обвинителка Катица Јанева ѝ соопштила дека не е партиски играч.
Кадриу изјавува дека била сведок на директни политички интервенции, при што високи функционери на СДСМ – меѓу кои Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски и Зоран Заев – лично доаѓале во просториите на СЈО и одржувале средби со обвинители, давајќи насоки кој обвинител на кој предмет треба да работи.
Според неа, на тие средби учествувале и повеќе обвинители од СЈО, меѓу кои и Гаврил Бубевски, како носител на групата, како и Ленче Ристоска.
Таа посочи и примери на кои била сведок кога наведените министри од СДСМ доаѓале во СЈО и на средба четворица обвинители од СЈО меѓу кои бил носител на групата обвинителот Гаврил Бубевски, а со него и Ленче Ристовска… имале средби и налози кои се спротивни на јавно обвинителската работа.
Според Кадриу СЈО фактички го водел обвинителот Бубевски, а Катица Јанева била избрана за таа функција само заради нејзите амбиции да биде јавно популарна бидејќи ни според искуство во обвинителството немала капацитет за тоа.
Кардиу раскажува како Владимир Панчевски, екс претседателот на Кривичниот суд во Скопје, бил таргет од страна на СЈО и како му монтираа предмети бидејќи во тој момент како претседател на Кривичен суд им застанал на патот тие да определуваат судии за нивните предмети од СЈО и да земаат од судот документација од судски предмети и барал да работат како што налага законот кој не дозволува да добијат и изнесуваат надвор од судот акти од судски предмети.
„Јас сум жена од милион долари“
Во делот што се однесува на финансиското работење, Кадриу тврди дека Јанева пред колегите изјавувала: „Јас сум сега жена од милион долари“, алудирајќи на „вишок“ од околу еден милион евра во буџетот на СЈО, при што, според тврдењата, се барал начин тие средства да се потрошат или распределат, за да не се вратат во државниот буџет.
Кадриу наведува дека во тој период СЈО немало овластен финансиски или сметководствен експерт, а со финансиските прашања се занимавала заменичката на Јанева, Елизабета Јосифовска, која, според изјавата, тврдела дека „се разбира во финансии бидејќи мајка ѝ ја учела“.
Таа вечер кога се случи пожарот во модуларната болница во кој изгореа 14 луѓе, не бев дежурна. Ми се јави дежурниот колега, кој беше и шеф на Обвинителството (во Тетово, н.з.) и, вели, колешке, ве молам дојдете, јас веќе не можам да се снајдам, овде е хаос. Значи, по барање на шефот на Обвинителството, се приклучувам, доаѓам таму. Потоа доаѓа и Јовески, значи, тој се појавува и каде треба и каде не треба, а врска нема со животот, не знае ни зошто дошол, уште донел и двајца обвинители да се приклучат во тимот кој ќе води истрага – вели адвокатот Лејла Кадриу од Тетово, во гостувањето на ТВ АЛФА во емисијата на Богдан Илиевски, објаснувајќи ги првите моменти по пожарот во монтажната болница во Тетово во кој изгореа 14 луѓе, раскажува Кадриу која во тој момент, работела како обвинител во тетовското ЈО.
„Јовески дојде за сѐ да се држи под контрола, да има свои луѓе, да има филтер како да се постапува. Значи, ние спроведуваме истрага, имаме колегиуми, па после ќе се добие одобрение од Јовески да се спроведе тоа истражно дејство или да не се спроведе. И во случајот со тој пожар, се истражуваше како дошло до него и како е изградена болницата. И се покажа во текот на истражувањето дека, за таа модуларна болница, а и за другите, средствата се обезбедени од Светската банка. Станува збор за 90 милиони евра, од кои 30 милиони за модуларни болници, 60 за лекови и други чуда. А 30 милиони за 10 модуларни болници, направени од рециклирани материјали. Кога се распрашував колку чинат панели со камена волна, која не гори четириесет минути, безбедна е 40 минути, а колку чинат рециклирани панели со овие „пурпен пени“,се покажа дека во тоа време, панелите кои се безбедни 40 минути чинат 17 евра, а овие со „пурпер пена“ не чинат ни 5-6 евра. Па, тие 10 модуларни не можеле да чинат повеќе од, еве да речеме, 300 илјади евра, за сите 10, а потрошени се триесет милиони“, вели Кадриу.
Таа вели дека најцрно во сѐ е што кога се дала наредба да се направи вештачење од страна на вештак по електротехника, дошло известување дека причинско-последична врска за настанување на пожарот е лошо инсталирана електрична енергија.
„Значи, кога се ставил тој апарат (за анимирање, н.з.), тој повлекол огромна количина на струја, немало прекинувачи на доводот и се случила експлозија. Но, немало разводна табла. Затоа доаѓала струја. Да поставеле разводна табла, немало да се случи ништо. И тука е пропустот. Прво, на министерот за здравство во тогашно време, Филипче, бидејќи тој ја составил спецификацијата без да има елаборат за електрична енергија и без противпожарен елаборат“, вели Кадриу.
Таа објаснува дека според описот на работните задачи, според обврските што ги има Министерство за здравство, тоа е тоа што гради болници, Министерството за труд и социјална политика гради градинки и домови за стари лица. Во овој случај, Министерството за здравство објавило оглас, а го спровело Министерство за труд и социјална политика.
„Значи, направиле разводнување. Ама на крај се покажа дека причинско-последична врска за настанување на пожарот е лошо инсталираната електрична енергија. Јас знам дека директорот на болницата, медицинскиот директор (Артан Етеми, осуден на три години затвор за пожарот, н.з.), кажа дека понудил два спрата од болницата, нови, кои биле неопремени. Рекол, еве ви ги двата спрата, да ги опремиме и справувајте се со „ковид“. Но, овие инсистирале на модуларната. Морало да се прави тоа, зашто морало парите да се потрошат. Дополнително што таа модуларна била над резервоарот“, тврди Кадриу.
На забелешката дека тогашниот премиер Зоран Заев рекол дека за таа опрема, за тие болници, не треба посебни елаборати, Кадриу, истакнува:
„Мора законот да се почитува. Во конкретниот случај, во Законот за градба, тие додадоа некои пет члена, со кои што нешто направиле, но мора да се почитува целиот Закон за градба. Значи ги имаме тие пет члена, ама тие не се посебен „лекс специјалис“, туку тие пет члена се составен дел на Законот за градба. И тој Закон точно предвидува дека сѐ што е изградено над земја претставува градба. А, тука, кај модуларната болница во Тетово, не е направен ни технички прием при предавање. Само на економскиот директор му бил даден клучот. Што значи дека овие директори (Флорин Бесими, тогашен директор на Тетовската болица, осуден за пожарот на три години затвор, брат на екс министерот од ДУИ, Фатмир Бесими и економскиот директор, Артан Етеми, н.з.) воопшто не учествувале, ниту во набавката, ниту во изградбата. Овие двајца се осудени, а овие што го направија тоа се неосудени. Страшна работа. И тогаш ме суспендираа, бидејќи барав дополнително да се направи градежно вештачење да се направи. Е, тогаш ме суспендираа од работа“, истакнува Кадриу.
Според неа, за тој случај половина тогашна Влада треба да оди во затвор и дека сите кои се инволвирани во поставувањето на таа болница, а тоа не се двајцата осудени директори, треба да одговараат. Таа и денес го има ставот дека целиот тој случај е незаконито спроведен, а главната одговорност лежи во тој што го објавил огласот, што ги издвоил средствата за тоа – министерот за здравство, заедно со Комисијата што ја подготвувала спецификацијата и со изведувачот на работи.
„Не смеел тој да поставува струја, а да не стави, да не предвиди расклопни табли кои ќе спречат довод на струја доколку дојде до ваквите работи“, децидна е Кадриу за случајот во кој живи изгореа 14 пациенти и нивни роднини.
Кадриу денес е адвокат, која за себе вели:
„Имам завршено два правни факултети, на Тетовскиот и на Приштинскиот универзитет. Магистер сум по форензички науки. Тој дел го завршив на Факултетот за безбедност, тука во Скопје. Мотив за магистратурата за форензика, беше токму тоа што бев обвинител, и сакав да знам и да бидам сигурна како да се наоѓаат трагите, како да се докаже кривичното дело, за да можеш во судница да влезеш, што се вели, со чист образ и со докази. Новиот Закон за кривична постапка предвидува една законска норма која вели дека се што е сомнително оди во полза на обвинетиот. Во многу случаи се влегува во судница со несигурни докази. Со такви докази никогаш не сум сакала да влезам во судница. Инаку мајка на четири, факултетски образовани деца, со докторати. Значи, една горда мајка“.
Сите наводи се тврдења на Лејла Кадриу изнесени во јавност, а засегнатите лица досега немаат јавно дадено одговор на конкретните обвинувања.












