Летниот бран со екстремни температури во Скопје резултира со поголема употреба на вода за пиење и со намален притисок во повисоките градби и населби во градот, кои остануваат со часови без капка вода. Две недели немаше вода над третиот кат од зградата на МРТВ, а без вода сè уште е Клиниката за детски болести во Козле. Од ЈП „Водовод“ повикуваат надлежните да ги решат дефектите во зградите.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, вели дека централната власт нема надлежност да помогне и смета дека ова е кулминација на сите наталожени проблеми кои го оптоваруваат Градот Скопје повеќе од три и пол години и кои кулминираат во рамките на самите јавни претпријатија

Летниот бран со екстремни температури во Скопје резултира со поголема употреба на вода за пиење и со намален притисок во повисоките градби и населби во градот, кои
остануваат со часови без капка вода. Од Град Скопје и од ЈП „Водовод и канализација“ повеќекратно опоменуваат за огромна и неконтролирана употреба на вода, апелирајќи до граѓаните да ја користат водата за пиење внимателно – да не се употребува за наводнување градини, бавчи и посеви, за миење возила, полнење базени и слично.

Во 18-катницата на Македонската радио-телевизија немаше вода повеќе од две недели. Во оваа зграда во која се сместени неколку државни агенции, комисии, органи при министерствата со илјада вработени, немаше вода од третиот кат, па нагоре, а како резултат на тоа, се ширеше реа од валканите тоалети.

Од владината Служба за општи и заеднички работи изјавија за весникот ВЕЧЕР дека од сабајлево има вода на сите катови во зградата.

– Направивме контрола на сите цевки, хидрофорните пумпи и вентили и констатиравме дека не е проблемот кај нас, туку од ЈП „Водовод и канализација“ не обезбедиле доволен притисок во доводот на вода. До вчера притисокот на вода во цевките беше 2,1 бари, а по нормализацијата е 3,8 бари, со што дефинитивно кажуваме дека проблемот е во „Водовод“ – велат од СОЗР.

Оттаму посочуваат дека имале ваков проблем и лани и преклани. Од СОЗР изразуваат загриженост што има прекин во водоснабдувањето на Детската клиника за белодробни
заболувања во Козле и прашуваат зошто „Водовод“ не го решава проблемот во болницата, каде што се лекуваат дечиња.

– Ај ние можеме да се снајдеме и со цистерни можеме да донесеме вода, но несфатливо е зошто е болницата без вода – прашуваат од СОЗР.

Од ЈП „Водовод и канализација“ информираа за весникот ВЕЧЕР дека влегла нивна екипа во зградата на МРТВ и констатирала дека има хидрофорни пумпи, кои се од третиот кат од зградата.

– Потребно е самите корисници да преземат активности за зголемување на нивниот капацитет. Внатрешната инсталација на зградата не е во наша надлежност и доколку е потребно зголемување на притисокот на вода, можното решение го кажавме – велат од ЈП „Водовод и канализација“.

Екипи на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје извршиле комплетен увид и на Детската клиника во Козле и констатирале дека причина за намалениот притисок е дефект на водоводната инсталација по водомерот.

– Станува збор за дефект на водоводната инсталација, која е сопственост на болницата. За наведеното, известени се надлежните во болницата, кои треба да го санираат дефектот на внатрешната водоводна инсталација. Ние, како ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, со оглед на тоа што станува збор за сензитивна работа, имаме оставено цистерна со пивка вода пред самата болница – истакнаа од ЈП „Водовод и канализација“.

Министерството за здравство информира дека поради прекин во водоснабдувањето на Детската клиника во Козле, веднаш било побарано од Универзитетската клиника за детски болести и од Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби времено да ги згрижат пациентите што ќе имаат потреба од хоспитализација, додека во Козле ќе продолжат третманот на пациентите во дневната болница и
амбулантските прегледи. Оваа иницијатива е во насока на обезбедување континуитет во третманот и грижата за најмладите пациенти – велат од Министерството за
здравство.

Оттаму посочуваат дека ја следат состојбата и по нормализирање на водоснабдувањето на Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата – Козле, непречено ќе продолжи хоспитализацијата на пациентите во
оваа јавна здравствена установа.

Немањето вода толкав период на овие високи температури е здравствен ризик за вработените што се на работните места во оваа зграда, но досега никој не поднел претставка до Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, прашан дали може да помогне централната власт во решавањето на проблемот со водоснабдувањето, рече дека Владата нема ингеренции да интервенира во решавањето на водоснабдувањето на територијата на Скопје.

– И согласно со Законот за локална самоуправа, но и согласно со Законот за води, одговорноста во делот на водоснабдувањето е во рамките на локалната самоуправа,
т.е. во рамките на Град Скопје. Владата нема никакви ингеренции тука, тоа сакам да го кажам најдиректно за да им стане јасно на нашите граѓани – рече Перински.

Според него, ова е кулминација на сите наталожени проблеми кои го оптоваруваат Градот Скопје повеќе од три и пол години и кои кулминираат во рамките на самите јавни претпријатија.

Жител на Црешево си го полнел бунарот од јавниот водовод – казнет е со 200 евра

Додека Болницата за деца со респираторни заболувања во Козле е без капка вода, а жителите на Водно, Ченто, Маџари и на Железара се справуваат со рестрикции и часови без водоснабдување, градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, преку „Фејсбук“, информира дека бил затечен еден жител на Црешево како полни личен бунар со вода од јавниот водоводен систем.

– Лицето Т. К. од Црешево беше затечено како го полни сопствениот бунар со вода од јавниот водоводен систем. На лицето му е издаден прекршочен налог во висина од 200
евра. Ова е прва санкција за злоупотреба на вода во услови на сериозна водоснабдителна криза. Во населеното место Раштак беа откриени два диви приклучока на системот. Тие веднаш беа санкционирани и исклучени од
водоснабдувањето. Инспекцијата ќе продолжи со засилените вонредни контроли и во наредните денови – вели Стефковски и апелира до Град Скопје и до градското водоводно претпријатие итно да преземат мерки со цел жителите на Автокоманда, Ченто, Маџари, Железара и на Хиподром да не останат без вода во летните месеци.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ