понеделник, јули 13, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Политички „ресет“ или увертира за предвремени избори?

Политички „ресет“ или увертира за предвремени избори?

МИЦКОСКИ ГО ПРЕКРОИ КАБИНЕТОТ – „ВЛАДА НА РЕЗУЛТАТИ“ ЗА ВЛАСТА, „ПОЛИТИЧКА ИГРА“ ЗА ОПОЗИЦИЈАТА

0

Собранието ги разреши министерот за правда Игор Филков, за труд и социјална политика Фатмир Лимани, за земјоделство Цветан Трипуновски, за локална самоуправа Златко Пирински, Шабан Салиу кој беше министер без ресор, понатаму министерот за здравство Азир Алиу, за односи со заедниците Иван Стоилковиќ и министерот за култура Зоран Љутков. Единствено со тројца против и уште толку воздржани беше испратен сега веќе поранешниот министер за здравство, Алиу.

Разрешени се и заменици-министрите за социјална политика, демографија и млади и за култура и туризам, Ѓоко Велковски и Седат Сулејмани.

Според владината реконструкција, на местото на Филков за министер за седнува Јетон Шасивари од Вреди. Стоилковиќ, од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ, ја презема министерската палка во Локална самоуправа, а Златко Перински – директорската во Фондот за здравствено осигурување, каде што на чело беше Сашо Клековски од ВМРО-ДПМНЕ, кој, пак, е нов министер за здравство, на местото на Азир Алиу. Министер за односи меѓу заедниците е Агон Ферати од Вреди. На местото на Цветан Трипуновски доаѓа Борче Серафимовски од движењето ЗНАМ – За наша Македонија, а на местото на Шабан Салиу, министер без ресор, Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ.

Политичка, а не кадровска реконструкција и увертира за предвремени избори, вака опозицијата ја оцени реконструкцијата на Владата. Мандатарот, Христијан Мицкоски, ја образложи реконструкцијата пред да се дебатира за неа.

– Денес, не се збогуваме со луѓе што не работеле, туку напротив, со луѓе што дадоа свој придонес во различни ресори, за реализација на програмата за која граѓаните дадоа доверба. Од првиот ден која ја презедовме одговорноста, кажав дека оваа Влада нема да биде Влада на комфор, туку Влада на резултати. Нема да биде Влада во која функциите ќе се сметаат за стекнато право, туку за обврска што секој ден повторно мора да се заслужува. Тоа не беше политички слоган, тоа беше принцип. Денес покажуваме дека важи тој принцип подеднакво за сите – рече Мицкоски.

Опозицијата во Парламентот го праша премиерот зошто ги разрешува министрите ако биле добри. Халил Снопче од Алијанса на Албанците, обраќајќи се на македонски јазик од собраниската говорница, кажа дека премиерот кажува оксиморон, велејќи дека биле добри, но, сепак, ги разрешува. Цитирајќи го латинскиот израз „леб и игри“, Снопче обвини дека власта го врти вниманието од вистинските проблеми на народот: сиромаштијата и лошата политика.

– Дајте им на луѓето спектакл, да не се занимаваат со лагите – рече тој.

Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска од СДСМ рече дека Зоран Љутков ќе остане запаметен како министер со најголем број тужби за неисплатени плати и непочитување на колективните договори. За неговиот двегодишен мандат, рече дека нема ниту еден капитален проект.

– Што имаме во овие две години? Имаме статус на УНЕСКО што е под закана, претходно имаше почитување на колективниот договор, имавме почитуван јазик. Што имаме со него? Македонистика на колена, нема превод на странски дела, имаме географски истражувања, тужби за плата, нејасна поделба на парите, тетовското Теќе повеќе не е на државата. Срамот не се покрива со статуси, се спушти завесата на вашата претстава, министре Љутков – заврши Костадиновска-Стојчевска.

Во негова одбрана, бидејќи не се појавија разрешените во собраниската сала, застана пратеничката Велика Стојкова-Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ, која рече дека за две години се решени многу проблеми што ги оставил СДСМ во наследство.

– Ја започнавме работата со УНЕСКО, за што имаме и конкретни резултати. Вие го закочивте проектот за Универзална сала, во ваше време се потпиша колективниот договор без анализа. Не може за две години да се решат проблемите што ги натрупавте вие – рече Стојкова-Серафимовска.

Пратеничката на Левица, Јована Мојсовска, кажа од говорницата дека веќе три недели болните од хемофилија не го добиваат својот елементарен лек бидејќи не бил набавен. Во дебатата за разрешување на министерот за здравство, таа обвини за застојот во изградбата на кичевската болница и за состојбата на Клиниката за детски болести, каде што, според Мојсовска, директорот Реџеп Мемеди си го вработил својот братучед за советник, а Клиниката нема медицински кадар.

– Не само што не беше разрешен, директорот ги нема платено казните изречени од ДСИ за трите починати деца на Клиниката. Пет години не функционира ургентното одделение на Детска, граѓаните се принудени да одат на приватно, каде што само за добра ден се наплаќа 500 евра. Затвори три детски одделенија, има недостиг од 30 лекари, ама затоа братучедот е административен кадар – обвини пратеничката Мојсовска.

Седницата продолжува со дебата за новите предлог-министри, за збор пријавени се над 32 пратеници.  (П. А.)

ИЗДВОЕНИ