Полицијата досега лишила од слобода 20 лица во врска со пожарите во земјава. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски вели дека дел од приведените се во куќен притвор, некои се во ефективен притвор, а дел се пуштени на слобода затоа што се малолетници.

– Државата годинава покажува дека можело многу поинаку да се даде одговор на сите предизвици со пожарите. Оние кои постапуваа индивидуално во рамки на палење на пожари ги фативме. Не сите, но фативме добар дел од нив. Но оние кои што се организирано, особено првиот ден кога настанаа огромен број пожари околу Скопје и имаше многу симптоматична и временска и подрачна појава на пожарите околу витални објекти од значење на државата, имаме основани сомненија дека станува збор за организирана група која што ќе видиме понатаму која и била целта – рече Тошковски.

Министерот истакна дека Владата навреме презеде мерки и донесе наредба за забрана за движење во шуми и има ефекти, без разлика, што како што вели „ова лето е можеби најжешко од аспект на сувост на вегетацијата“ и дека граѓаните тоа може да го видат.

– Мислам дека одговорот што го имаме е далеку поразличен од тоа што државата го имала како одговор во минатото и тоа е видливо на терен. Видливо на терен е од аспект на сили кои што ги имаме, од аспект на механизација и дејствија што ги презема Владата, навреме донесе забрана за движење во шуми и сето тоа дава резултат за разлика од претходно – изјави Тошковски.

 

ИЗДВОЕНИ