
Стен Колимор побара на играчите да им се забрани играње ако ја покријат устата додека зборуваат на теренот. Реакцијата на поранешниот напаѓач на Ливерпул доаѓа по инцидентот кој се случи во Лигата на шампиони кога ѕвездата на Реал (М), Винисиус Жуниор, го обвини играчот на Бенфика, Џанлука Престијани, дека го навредува на расна основа.
Откако Престијани ја навлече маицата преку устата за време на разговорот со Винисиус, спречувајќи ги камерите да снимаат што се зборува, поранешниот напаѓач на Ливерпул и Астон Вила, кој има искуство играјќи за репрезентацијата на Англија, се огласи на социјалните мрежи за да проговори.
„Покривањето на устата со рака или маица треба да биде забрането во професионалниот фудбал. Ако играчите не можат да зборуваат, без разлика дали со соиграчи или со противници, во рамките на правилата и духот на играта, тие треба да бидат санкционирани“, напиша Колимор.
Тој додаде дека никој не се грижи за нормалните разговори на теренот. „Никој не се грижи дали едниот играч му кажува на другиот да се е*е или ако двајца противници го напуштат теренот и си велат еден на друг дека одлуката на судијата била глупава или дека ќе се сретнат подоцна во градот. Но, криењето на хомофобична, расистичка, религиозна или каква било друга криминална комуникација е целосно неприфатливо“, додаде Колимор, заклучувајќи:
„Време е да го забраните тоа, ФИФА. Ако мора да го криете она што го кажувате, тогаш не треба да го кажувате. Има доволно време во тунелот, во соблекувалната или во дневната соба на играчите.“
Инцидентот се случил за време на натпреварот од плејофот на Лигата на шампионите помеѓу Бенфика и Реал Мадрид. Бразилецот Винисиус Жуниор тврдеше дека бил расистички навредуван од аргентинскиот играч од средниот ред Престијани кратко по постигнувањето на единствениот гол на натпреварот во 50-тата минута.
Престијани рече дека неговиот противник „погрешно го протолкувал она што мислел дека го слушнал“. Од друга страна, соиграчот на Винисиус, Килијан Мбапе, тврдеше дека го слушнал Престијани како го нарекува Бразилецот „мајмун“ пет пати.
УЕФА веќе потврди дека ќе истражи „наводи за дискриминаторско однесување“.











